ПО ПОВОД ДЕНЕШНИОТ ПРАЗНИК
-Црква „Св. Пантелејмон“ – Горно Нерези
„Св. Пантелејмон“ — манастирска црква во истоимениот манастир во с. Горно Нерези, на планината Водно, осум километри југозападно од Скопје. Манастирскиот комплекс е ограден со високи ѕидови, а во него се наоѓаат црквата и манастирските конаци. На ѕидовите на овој споменик на културата е сочувано фрескосликарство, коешто по своите квалитети со се вбројува меѓу врвните дострели на византиското сликарство од времето на династијата Комнини.

Од времето на градењето на црквата во 1164 година до 1555 година, кога во овој крај се случил еден од посилните земјотреси, манастирот бил целосно сочуван. Какви биле и колку настрадале старите манастирски конаци не е познато, но за црквата со сигурност се знае дека ја загубила централната купола во којашто, може да се претпостави, бил насликан Исус Христос Седржител, со фигурите на пророците фланкирани од страните на осумте прозорци. Живописот во нерешката црква, е дело на повеќе раце, пред сè на рацете на двајцата главни мајстори. Тие се разликуваат помеѓу себе не толку спорèд цртежот колку според колоритот. В. Лазарев смета дека живописот го работеле неколкумина мајстори (четворица или петмина) и дека главниот мајстор е повиканиот мајстор кој дошол од Цариград.
Неговата рака го извела живописот на најодговорните и најосветлените делови во црквата, а на тој дел му припаѓаат и најзначајните досега сочувани композиции: Сретение, Преображение, Лазарево воскресение, Раѓање на Св. Богородица, Воведение на Св. Богородица во храмот, Влегување во Ерусалим, Симнување од крстот и Оплакување Христово.
Композицијата „Оплакување Христово“ е позната тема која се сретнува речиси во сите цркви насликани пред и после живописувањето на нерешката црква. Но Оплакувањето во Нерези од сите нив се разликува, не толку по иконографските посебности, колку по извесни елементи што се покажуваат како достоинство на непознатиот зограф од Нерези.
А , во врска со фреските во манастирот Ребека Вест ќе напише дека нејзе неверојатно многу од позите на ликовите од нерешките фрески ѝ личеле на сличните во Равена и во Рим? Сето што таа го видела во Македонија, самата ќе го нарече македонско естетско чудо, го споредува со највисоките вредности и личности во светската култура, со врвовите до кој допреле еден Шекспир или Гете. Во Нерези, стоејќи пред фреската на која малечкиот Исус го бања „жена што е фурија“, нерешка фреска ја споредува со една песна на Вилијам Блејк. За таа иста жена и за тоа исто дете овој голем англиски мистичен поет и сликар ќе рече во својата песна дека кога роденото детенце ѝ го даваат на една стара жена, таа, откако ќе го избања, ќе го закове на ѕидот; потем околу главата ќе му врзе железни трње; ќе му ги пробие нозете и рацете; ќе му го извади срцето за тоа да сети топли и студени маки… Ете, токму тоа го гледа Ребека Вест на фреската во Нерези. При сето тоа таа ќе утврди дека песната на Блејк и фреската од Нерези не можат, а да не бидат дело на ист човечки ум. Всушност, таа сака да рече дека генијот на нерешкиот зограф што ја создал фреската е рамносилен на генијот на поетот што ја создал песната, но и на Шекспир и Гете.
Манастирските придружни објекти во 50-те непоссредно по ослободувањето служеа за ушилишни потреби во него беа сместено основното училиште , некое време потоа и како угостителски објекти.
Во 1954/55 започна масовна преселба на населението од Горно Нерези ,кога православното население се спушти во Долно Нерези и Влае, a муслиманското претежно замина за Tурција и во Долно Нерези.
Во тој период манастирот повеќе имаше туристички карактер наместо црковен.
Во тоа време се наметна потребата од верски објект во Долно Нерези и со ангажирање на населението претежно од селото и Влае,се изгради нова црква посветена на истиот светец.
Top of Form