дома Историјат Нас. места низ времето Населба Илинден (Поранешно с. Белимбегово)

Населба Илинден (Поранешно с. Белимбегово)

0

1. Природно-географски карактеристики на Населбата Илинден
Според географско-топографската положба, населбата Илинден е сместена во источниот рамничарски дел на плодната скопска котлина, порано повеќе позната како скопска Блатија. Поголемиот дел од територијата на населбата е рамничарски, а само на еден помал дел се наоѓа ридскиот предел познат како Вршник. Инаку, населбата се наоѓа во непосредна близина на градот Скопје. Растојанието од центарот на Скопје до центарот на Илинден е 12 км. Населбата, од исток се граничи со атарите на селата Марино, Кадино, Ајватовци и Бунарџик, од запад со атарите на селата Маџари и Инџиково, од југ со атарите на селата Трубарево, Јурумлери и Идризово и од север со атарот на с. Арачиново. Најголемиот дел од територијата на населбата се наоѓа на околу 230 м.н.в., со исклучок на еден помал дел во ридските предели, кој е со поголема надморска висина. Почвата се одликува со суво земјиште во северниот ридски дел и, некогаш многу влажниот барски предел, во рамничарскиот дел. Поради ископувањето на повеќе одводни канали во рамничарскиот дел, денес, овој дел е претворен во сушно подрачје.
Денес, населбата Илинден претставува седиште и централно место на истоимената Општина. За населбата Илинден не се евидентирани катастарски податоци. Со оглед на тоа дека не е исклучително рурална населба, таа има и други бројни неземјоделски дејности, па затоа, по пат на имиграција, прераснала во голема населба.
Покрај добрата географска положба, територијата на населба Илинден има и извонредна сообраќајна поврзаност и инфраструктура. Имено, низ територијата на населба Илинден, или во нејзина непосредна околина, минуваат повеќе значајни меѓународни сообраќајни комуникации, како што се: железничката линија Скопје – Белград, автопатот Скопје – Куманово, Куманово – Велес и Скопје – Велес, а во непосредна близина е и меѓународниот аеродром “Александар Велики”. Тука поминува и меѓународниот транзитен гасоводен систем.
2.Името на Населбата
Порано, односно до 1980 година, населеното место Илинден се викало с. Белимбегово.
Во своето повеќевековно постоење населбата била различно именувана,секоја новодојдена власт името го менувале како што тие сакале.Така во српско време селото било преименувано најпрво во Ливадица ,а подоцна и во Војвода Мишиќ(Мишиќово).За време бугарско името било преименувано во Кнез Симеоново ,Во еден период било именувано и во Илинден ,но административно секогаш останало и се водело како Белимбегово.
Белимбегово, на оваа локација постои околу од почетокот на 18 век .Се претпоставува дека името се наметнало од самите поединци од доселени македонски родови ,кои во меѓусебната комуникација го користеле името на Белим бег, кога објаснувале каде служат-работат.Тие најпрво доаѓале тука да работат како поединци и пак се враќале во своите домови во околните села.Во еден период бегот им дозволил на поединците тука да се населат со нивните фамилии и така е формирано селото. Инаку пред да се формира селото на денешната локација,во непосредна близина постоеле неколку „заселци“(помали села) како тоа во месноста Барбарево,Требеши,Беско Ливадче,Врпче ,Џабиица и др.,на тие места и денес можат дасе најдат стари предмети,бунари,зидови и друго.
Името Белимбегово било во употреба од ослободувањето 1945г,па се до 1980г.
Тогаш Извршниот Совет на Република Македонија донел Решение бр. 23‐1130/1 од 17 јули 1980 година, со кое се прифатило барањето на жителите од с. Белимбегово, и донел решение за промена на името од с.Белимбегово во Илинден,со што ја удоволил долгогодишната желба на населението.

3.Родови-Галабии
а)Староседелски родови кои го формирале селото за време турско се: Аџиевци,Пиличковци,Бејтовци,Пурчеви,Аџаларци,Дончевци,Роглеви,Пејовци,Гаурови-Најдови,Величкови,Стојанови,Савеви,Бушеви,,Маџункови,Шкодреви,Костадиновци,Џиковци,Риклевци,Пројкови,Божинови ,Велкови,Колеви,Крошнарови и други.
б)Стари родови, овде ќе ги земеме во предвид родовите кои се доселиле по падот на турската империја 1912г.,па се до 1950г. во овој период доселени се:Арсови,Чуварови,Калкус,Панушкови-Раеви,Кошарчеви-Видинци,Ѓаљовци-Љуботенци,Караџови,Нешеви –Љуботенци,Боге и Трајан Сопиштани,Секуловци,Крковци,Милиќ,Панкови,Чанкулови,Крстевски,Дуранци,Гижарови,Љошеви,Бостанџиеви,Зајчеви,Трајанови,Милошеви,Радови-Спасовски,Аврамови-Кузманови,Димови,Мерџанови,Радови-Златанови,Ушинови,Крушкарови,Црничин,Кемановиќ,Велинови,Јаневци –Сопиштани,Стојневи,Цекови,Стојановски,Митковски,Донакови,Капиданчеви,Бајрамови,Реџеповци-Шабановци,Зејнулови и други.
Останатите родови во Илинден доселени се после 1950 година и воглавно се од кумановско,кратовско,кривопаланечко,овчеполието и други места од Македонија.
.Демографска состојба: 1900г-160 жители, 1915г.-244жители, 1921г.-178 жители,1941г.-540 жители,1948г.-509 жители,1953г.-1.252 жители,1961г.-1.661 жители,1971г.-2.495 жители,1981г.-4.077 жители,1994г.-4.321 жители,2002г.-4.931 жители.
Денес се претпоставува дека дека населба Илинден има околу 5.500 до 6.000 жители
4.Економија
Населба Илинден денес преставува силно економски развиено место со стотина големи стопански субјекти од разни области .
5.Образование
Од 1914 година до 1939 година децата настава посетувале во соседно село Бунарџик,од 1939 до 1941г. во Марино,на српски јазик .
Прво училиште во тогашно Белимбегово било отворено 1941г.на бугарски јазик,
Првото основно четиригодишно училиште во тогашното с. Белимбегово, а денес населба Илинден, во кое за прв пат била организирана настава на мајчин македонски јазик, било отворено на 12 септември 1945 година. Во почетокот, наставата се одржувала во две комбинирани паралелки. Првите учители биле Марија и Михаил Мељникови. Михаил бил по потекло Русин, а Марија Велешанка.
Во учебната 1964-1965 година се отворило основно осумгодишно училиште ,наставата започнала во новата училишна зграда со 396 ученици и 20 вработени.
Во учебната 2013/14г. во Илинден се отвори општинско средно училиште со неколку стручни паралелки.
6.Здраство
Првата амбуланта во Илинден, како дел од амбулантата во с. Петровец, била отворена во 1959 година,за работа само една смена и тоа само три дена во неделата.
Во месец мај 1968 година отворена е амбуланта со два медицински тима за работа во прва и втора смена.
Денес во Населба Илинден од областа на здраството функционираат следниве здравствени установи: ПЗУ “Др. Лидија и Лилјана”, ПЗУ Др. “Зографски”, ПЗУ “Др. Борче Попов”, ПЗУ “Беладент”, ПЗУ “Аптека Зегинфарм”, ПЗУ “Аптека Никафарм”, ПЗУ “Аптека Орхис Фармал”, ПЗУ „32“-Стоматалошка ординација. Према општинските програми за развој , во блиска иднина се очекува овој проблем да се надмине .Се очекува во Населба Илинден,да биде изграден нов здраствен дом,со што ќе се надмине и овој голем проблем за населението од Населба Илинден и останатите села на општина Илинден.
7.Спорт
Во населба Илинден најстар спортски клуб е ФK Илинден ,а постојат и две ракометни шкoли,таеквондо клубови и други.
8.Култура
За култутурно забавниот живот ,постоеше КУД Илинден,денес трансформирано во Ансамбл за песни и игри Илинден.
9.Угостителство на територијата на населба Илинден постујат повеќе туристичко-угостителски објекти гостилници,,клубови и друго. Сепак како поголеми би ги издвоиле туристичкиот комлекс Белви,Роџер Пијано ,Три Фазана и други.
10. Црквата “Свети цар Константин и царица Елена“.
Православниот христијански храм, црквата “Цар Константин и Царица Елена” во Илинден, е изграден во почетокот на 20-от век. Нејзината изградба започнала околу 1899-1900 година
Но, со тек на време, се увидело дека црквата била мала и не ги задоволувала се поголемите потреби на месното население. Затоа, по повеќе од дваесетина година, односно во 1925 година, кога за тоа се создале поповолни услови, започнала да се гради нова ѕидана црква која целосно била завршена во1927 година. . Првата камбана била поставена во 1935 година .
Црквата “Св.цар Констатин и царица Елена” била осветена во 1967 година од Г. Г. Доситеј, поглавар на Македонската Православна Црква.
Во јуни 2012г.старата црква беше урната и на нејзино место удрени се темели на нов Црковен храм со околу 400 метри квадратни и со висина од 22 метри и истиот сеуште е во изградба.

НАПОМЕНА: ОБЈАВАТА Е ОТВОРЕНА ЗА ДОПОЛНА И КОРЕКЦИЈА.
Припремил: Драги Ангеловски – лични истражувања, монографија на општина Илинден од проф. др. Малковски и Сеоска Насеља Скопског Поља од др. Јован Трифуновски.

Нема коментари

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука

Exit mobile version