*Во новонаселеното село Мршевци, основно четиригодишно училиште било отворено во 1923 година. Во почетокот, училиштето се наоѓало во куќата на Ѓура Радошевиќ, а од 1926 до 1932 година, во куќата на Радивое Миљковиќ, колонист од Крушевац.
Потоа, по изградбата на новата училишна зграда во 1932 година, училиштето се преселило во новите простории и таму настава на српски јазик се одржувала сe до април 1941 година. Првиот учител бил Љамовиќ од Струга, а по него учители биле Лика и Бонија од Сурдулица.Во почетокот наставата се одвивала во една просторија во која учеле околу десетина деца. Подоцна, со изградбата на новото училиште во 1932 година, наставата се одвивала во две училници .
Во с. Мршевци наставатга на македонски јазик започнала во 1946 година, кога било направено сегашното училиште, на кое во 1956 година била извршена реконструкција, при што биле изградени 2 стана на учителите. Првите учители на македонски јазик биле: Алексо и Ѓорѓи, Македонци од Егејскиот дел на Македонија, кои како бегалци нашле прибежиште во Македонија. Во училиштето настава посетувале од 50 до 80 ученици.
Денес училиштето во Мршевци е подрачно училиште на ООУ „Браќа Миладиновци“ од Миладиновци.
