*ИСТОРИЈАТ НА УЧИЛИШТАТА ВО ИЛИНДЕН -УЧИЛИШТЕ ВО БУНАРЏИК
На почетокот на 20-от век Просветните активности во селата на денешната Oпштина, биле на ниско ниво и без соодветни просторни услови. Единственото училиште во општина Бунарџик кое било фирмирано уште во 1914 година било во с. Бунарџик. Во ова училиште настава посетувале децата од околните селски населби. Наставата се изведувала на српски јазик, со наставници претежно дојдени од Србија.
Тоа е време кога во Македонија била воспоставена српскa административна и политичка власт, непосредно по завршувањето на Балканските војни. Училиштето се наоѓало во куќата на Цветан Христовски – Златанов, во една просторија приспособена во училница, во која настава посетувале околу 80 деца од селата Бунарџик и Ајватовци. Прв учител бил Вукослав Шошкиќ од Црна Гора.
Училиштето продолжило да работи и за време на бугарското владеење од 1915 до 1918 година,со учители од Бугарија и настава на бугарски јазик.
Во 1919 година, училиштето повторно било отворено од страна на новата власт на Кралството Југославија. Поранешниот учител Вукослав Шошкиќ,по неговото повторно доаѓање во с. Бунарџик, продолжил да работи како учител.
Во 1928 година започнала изградба на новата училишна зграда со две училници и простории за учителите, во кои наставата се одвивала во две комбинирани паралелки од прво до четврто оддление. Покрај В.Шошкиќ, во училиштето настава држела и учител-ката Трпана од Тетово. Учителот В. Шошкиќ во 1933 година го заменил Милан Петровиќ од с. Бразда,скопско, а покрај него учители биле и Славка Груиќ од Сомбор и Јордан од Скопска Црна Гора, кои во селото останале до април 1941 година, кога од страна на Бугарите биле протерани, а на нивноместо биле доесени учители кои настава држелена бугарски јазик. Во новата училишна зграда, од 1929 до 1939 година, настава посетувале децата одселата: Бунарџик, Миладиновци, Бујковци, Кадино, Марино, Белимбегово и Ајватовци.
Меѓу првите училишта, кои кон крајот на 1945 година започнале да работат со настава на македонски јазик на територијата на денешна Општина Илинден било основното училиште во с. Бунарџик.Првите учители кои за прв пат започнале да држат настава на македонски јазик во Бунарџик биле: Милан Бојковски, учителката Николина, Звезда Петрова, Милица Чочоровска. Тие тука работеле до 1959година.
По нивното заминување за учители во селото биле назначени сопружниците Петко и Мирјана Цаневи, кои настава одржувале до 1976 година. Покрај нив, во годините што доаѓале учители во училиштето биле и Трифун Живков, Стојка Маткова и др. Во училиштето настава посетувале 60 до 70 ученици од селата Бујковци, Миладиновци и Бунарџик.
Интересно е и тоа дека во с. Бунарџик наставата отсекогаш се организирала во две комбинирани паралелки. Подоцна дел од децата настава посетувале во своите родни села,така што училиштето како по бројот на учениците,така и по бројот на наставниот персонал доста се намалило. Денес во селото работи едно подрачно училиште на ОО У „Ристо Крле“, од 1 до 4 оделение, со вкупно 30 ученици распоредени во 3 паралелки.
Фотографија од училиштето во Бунарџик,училиштето најпрво било во друга зграда,а ова на фотографијава прво била полициска станица , потоа претворена во училиште.