НА ДЕНЕШЕН ДЕН -30 ЈУЛИ
*30 јули 1938г. Извршена е електрификација на Душановац (Маџари)

*30 јули 2015г. по комплетната реконструкција и рехабилитација, на свечен начин беа предадени во употреба улиците „2“ и „9“, во населба Илинден, во вкупна должина од 2.000 метри.
*30 јули 1944 година народниот одбор на Куманово ја презеде власта, а за негов прв претседател беше избран другарот Никола Пешев, татко на револуциинерот Панче Пешев. За потпретседател на Одборот беше назначен Драги Младеновиќ-Пироќанац, за секретар адвокатот Јанко Бојков , а за благајник Славко Спасовски. Останатите членови на тој прв легален градски НОО одбор беа избрани : Трајко Каранфилски, Коста Димитриевски, Шабан Асанов, Димче Георгиевски, Стојан Ивановскои-Слога, Шабан Османов, Сабри Асанов, Јашар Зумберов, Асан Љатифов, Јордан Антов, Борис Крстевски, Милан Стојановски, Евта Менкова, Гиго Цветковски, Ацо Тосковски, Тале Русова, Трипко Смилевски, Христо Тодоров, Најдан Тричковиќ, Дачо Рубеновски, Божин Стефановски, Георги Петковски, Горка Панчева, Никола Кипријановски, Иван Величковски –Брада и Цветко Јакимовски.
*30 јули 1971.- Астронаутите на “Аполо 15”, Дејвид Скот и Џејмс Ирвин се спуштија на Месечината.
*30 јули 1990 год. Владата на РМ упати апел до граѓаните, за празникот Илинден, 2 Август, да не патуваат за манастирот „Св. Прохор Пчињски“. Истиот ден, членот на Претседателството на СФРЈ, Васил Тупурковски, во Собранието на РМ предупреди на опасност од општа војна во Југославија, а во законодавниот дом се бара најдобра позиција за Македонија по повлекувањето на ЈНА од Словенија. Државата е пред клучна одлука: Југославија веќе не постои, сега треба да се реализираат најавите дека Македонија нема да остане во каква било скратена федерација. За Илинден, на Мечкин Kамен говореше претседателот на Собранието, Стојан Андов, но очите на јавноста се свртени кон „Прохор Пчињски“, сардисан од четниците на српскиот радикал Воислав Шешељ, кој се закануваше дека за шест часа може да ја прегази Македонија. Во манастирот заминаа само Васил Тупурковски и пратеникот Тодор Петров, а првпат по Втората светска војна, во комплексот немаше прослава на јубилејот на АСНОМ.
* 30 јули 2003 година златната генерација на ФК Вардар ја победи големата и фаворизирана ЦСКА Москва среде Русија со резултат 2:1. Овој натпревар беше вистинско уживање за сите Вардарови навивачи кои го следеа овој натпревар. За молк на стадионот во Москва прв се погрижи миленикот на публиката, и сегашен член на ”црвено – црните” Грозданоски кој погоди во 54 минута од мечот, додека пак вториот гол беше дело на ”златното” момче на Вардарци, бразилецот Вандаир, кој погоди во 64 минута од мечот. ЦСКА го намали водството преку Самодин во 89’.
*30 јули 2015.- Во Торонто, Канада, умре г. Џон Луис Николас (Лазо) Битов Постариот, познат канадски бизнисмен со македонско потекло. Тој беше роден во Торонто во 1928 од македонски родители Никола и Вана, кои потекнуваат од селото Габреш, поранешна Егејска Македонија. Растењето во семејство кое ги носело трагите од прогонството и голем број страдања, внело во Џон Битов чувство на патриотство за Македонија и длабока љубов за македонскиот народ. Во 1991 тој ја организираше и ја поддржа финансиски меѓународната кампања за признавање на Република Македонија како независна држава од страна на водечките светски сили. Битов ја зачна идејата дека дијаспората на Македонците треба да има организација што ќе ја водат професионалци, која ќе работи во полза на економскиот развој на Македонија. Џон Битов има добиено бројни награди и признанија. Нему му беше врачено највисокото граѓанско признание на Канада, „Канадскиот орден“. Во Македонија тој беше почестен со највисокото признание за животно достигнување, за неговата посветеност кон Македонија, од страна на Претседателот на Републиката, д-р Ѓорге Иванов, а тоа е медалот „8 Септември“