ЈОНЧЕ ИВАНОВСКИ – БОРАЧ
ПРОФЕСИОНАЛНИ И СПОРТСКИ ДОСТИГНУВАЊА
Јонче Ивановски е роден на 1 март 1978 година во Скопје и живее во н.м Марино.
Тој е доктор на науки и редовен професор на Факултетот за безбедност од Скопје и актуелен декан на институцијата.
Во текот на својата кариера има остварено значајни резултати како во спортот, така и во академската и професионалната област.
Неговата спортска кариера е поврзана со борењето, каде што е повеќекратен државен првак во младинска и сениорска конкуренција.
На меѓународно ниво, има освоено трето место на Балканијада, како и повеќе медали од различни меѓународни турнири.
Најзначаен успех во неговата спортска кариера претставува освоеното трето место на Европското младинско првенство до 20 години во 1998 година.
За постигнатите резултати и придонесот во спортот, добитник е на престижната „13 Ноемвриска награда“ на градот Скопје.
Во моментот е тренер во боречкиот клуб Безбедност од Скопје каде работи со над 50 млади и таленетирани борачи.
Покрај спортските достигнувања, неговата професионална кариера е насочена кон високото образование и научно-истражувачката дејност.
Како редовен професор на Факултетот за безбедност, активно учествува во едукацијата и подготовката на кадри за потребите на безбедносниот сектор.
Во рамки на наставно-научната работа, посветен е на развојот на современи пристапи во Специјалното физичко образование и психофизичката подготвеност.
Има објавено над 60 научни и стручни публикации во земјата и странство на теми поврзани со стручното образование и обука на полициски кадри од областа на применета кинезиологија. Во својство на декан, работи на унапредување на наставниот процес, јакнење на научно-истражувачката дејност и развој на меѓународната соработка на Факултетот.
Неговото професионално и спортско искуство претставува основа за континуиран придонес во развојот на безбедносните науки и афирмацијата на спортот како важен сегмент во подготовката на безбедносните кадри.
