Потеклото на името Дојран, се поврзува со една легенда, кога зимата 1371-1372, кога турските војски навлегувале во Македонија, стигнале и во Тауријан (Полин). Тие дошле од исток, а бидејќи било зима, езерото било замрзнато и покриено со снег… турската војска, без да знае, поминала преку замрзнатото езеро и стигнала во градот. Градските првенци, кои ја пречекале војската, прашале од каде поминале, а турскиот војсководец Евронос одговорил: “Ете, овде, преку полето”. Тогаш првенците му кажале дека тоа не е поле, туку дека поминале преку замрзнатото езеро, покриено со снег. Кога го разбрал тоа, Евронос наредил да се направи голема и богата гозба, што на турски значи “дојрумаќ”. Се смета дека од тој збор и по тој случај градот добил ново име.
