За Битола има повеќе преданија за тоа како настанало ова име. Најверодостојното од нив вели дека името Битола потекнува од старословенскиот збор обител кој означувал збир на манастири, збир на свештеници, заедница на монаси. Како што веќе сите знаеме, Битола отсекогаш бил град со многу манастири, па оттука потекнува и грчкиот назив за овој град – Монастири. Според Марко Цепенков пак, Битола го “должи” своето име на големопоседникот Тољо, кој имал тврдина во непосредна близина на Битола. Кога Турците се приближувале на тврдината и градот, го повикувале Тољо на битка со зборовите “Би Тољо” од каде и потекнува сегашното Битола.
