СВЕТА ВЕЛИКОМАЧЕНИЧКА НЕДЕЛА

0

СВЕТА ВЕЛИКОМАЧЕНИЧКА НЕДЕЛА
НЕКОИ ОД ПРАВОСЛАВНИ ВЕРНИЦИ НЕ ПРАВАТ РАЗЛИКА ПОМЕЃУ НЕДЕЛА КАКО СЕДМИЧЕН ДЕН И “СВ.НЕДЕЛА” КАКО ПРАЗНИК ПОСВЕТЕН НА СВ.НЕДЕЛА.СВЕТА НЕДЕЛА Е СВЕТИТЕЛСКИ ПРАЗНИК ПОСВЕТЕН НА МАЧЕНИЦАТА НЕДЕЛА,И ТОЈ Е ЕДНАШ ВО ГОДИНАТА,НА 20 ЈУЛИ.СВ.МАЧЕНИЦА НЕДЕЛА Е СЕКОГАШ НА ЕДНА ИСТА ДАТА,А СЕКОЈА ГОДИНА ГО МЕНУВА ДЕНОТ.ДОДЕКА ПАК СЕДМИЧНИОТ ДЕН-НЕДЕЛА Е ВСУШНОСТ ДЕНОТ ВО КОЈ ВОСКРЕСНА СПАСИТЕЛОТ НАШ ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС.ЗАРАДИ ХРИСТОВОТО ВОСКРЕСЕНИЕ СЕ СЛАВИ И ДЕНОТ-НЕДЕЛА.ОТИ СЕКОЈА НЕДЕЛА Е ВСУШНОСТ МАЛ ВЕЛИГДЕН.ЗАТОА,ПРАВЕТЕ ЈА РАЗЛИКАТА ПОМЕЃУ СЕДМИЧНИОТ ДЕН НЕДЕЛА И СВ.НЕДЕЛА
Света Недела (името е превод на грчкото Кириакиа) се роди во Мала Азија и живееше за време на царувањето на Диоклецијан. Се роди како дете измолено од Бога, бидејќи нејзините родители Дорортеј и Евсевија долго време немаа деца. Кога порасна се разви во убава девојка, а телесната убавина ја дополни со убавината на душата што ја беше стекнала преку постојан внатрешен, невидлив подвиг. Нејзината убавина привлекуваше многу просители, но таа одбиваше да се врзе со некој друг освен со Христос. Еден од одбиените просители, откако во себе ги разбуди злите мисли, ги поткажа пред властите света Недела и нејзините родители како христијани. Сите беа изведени на суд, мачени и најпосле погубени.
Царот нареди и нејзините родители прво ги мачеа, а потоа ги протераа во градот Мелитина, каде што кончанието им беше во маки за Христа. Света Недела пак, му ја испрати Диоклецијан на Максимијан да ја суди. Бидејќи ја потврди својата вера во Христа пред Максимијан, тој нареди и ја тепаа со воловски жили. Потоа царот им ја предаде на војводите, прво на Иларион, а откако тој умре на Аполониј. Овие ја мачеа ѕверски на сите можни начини, но сѐ им беше залудно. Додека Света Недела лежеше во рани во затворот, ѝ се јави Господ Христос и ја исцели и ѝ рече: „Недело, не плаши се од маките, Мојата благодат е со тебе“. Христовата благодат навистина ја спаси оваа маченичка и од оган и од ѕверови, со што нејзините судии мислеа со сигурност да ја умртват. Многумина незнабожци, гледајќи го нејзиното чудесно спасение од толку смрти, поверуваа во Христа. Но сите беа заклани. Света Недела му рече на Аполониј: „На ниеден начин нема да ме одвратиш од мојата вера. Ако ме фрлиш во оган, ги имам Тројцата младенци; ако ме фрлиш на ѕверовите, го имам за пример Даниил; ако ме фрлиш во морето, пример ми е Пророкот Јона; ако ме предадеш на меч, ќе се сетам на Чесниот Предвесник. За мене живот е да умрам за Христа.“ Тогаш Аполониј нареди да ја убијат со меч. Недела клекна на колена, ги подигна рацете кон небото и Му се помоли на Бога да ја помилува и да ги спаси сите што ќе го слават нејзиниот спомен, а нејзината душа да ја упокои заедно со душите на нејзините родители. Кога ја заврши молитвата Му ја предаде душата на Бога, пред да се спушти мечот врз нејзината Света глава. Чесно пострада и се пресели во Небесното Царство во 289 година, во Никомидија.

Нема коментари

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука

Exit mobile version