*Турската историска наука со години не може да си објасни зошто во Првата балканска војна Солун без испукан куршум им беше препуштен на Грците. Д-р Јусуф Хамзаоглу од Скопје, поранешен професор по турски јазик и литература на Педагошкиот факултет Св. Климент Охридски во Скопје, но со магистерска, а потоа и докторска титула од областа на историјата, и еден од најревносните истражувачи во турските архиви, е еден од оние кој со години се обидуваше да најде рационално објаснување за повлекувањето на турската војска од територијата на Македонија во текот на Првата балканска војна во 1912 година.
Иако не сака да се занимава со претпоставки, вели дека во тие клучни години постоеле низа моменти кога историјата можела да добие поинаков тек и кога малку недостигало Македонија да добие автономија на својата целокупна територија.
‘Балканските војни се водеа за поделба на европските територии на Османската империја, пред се за поделба на Македонија која со своите 68.000 квадратни километри површина била два пати поголема од Србија, два пати поголема од Грција, поголема и од Бугарија без Источна Румелија. Кога кон ова ќе се додаде и геостратегиската положба на Македонија и нејзините природни ресурси, станува појасно дека Грција, Србија и Бугарија всушност се плашеле од можноста на Балканот да се создаде поголема, побогата и помоќна држава од нив’, вели проф. Хамзаоглу.
АБДУЛ ХАМИД ВТОРИ ЈА ДРЖЕШЕ МАКЕДОНИЈА ЦЕЛОВИТА
Сепак, според него, корените на поделбата на Македонија можат да се бараат и во слабоста на Младотурците кои ја презеле власта од тогашниот султан на Османската империја.
‘Султанот Абдул Хамид Втори бил еден од најголемите државници на Европа во периодот од 1876 до 1909 година. Една од неговите цели кога е Балканот во прашање била доследно да го применува начелото ‘раздели па владеј’. Затоа, неговата политика дозволувала во секое село, во секој град во Македонија христијанското население да има толку цркви колку што народи живеат во тоа место. Таквата политика му овозможувала да ги држи бугарската, српската и грчката црква постојано во борба едни против други на територијата на Македонија. И додека тие се расправале меѓу себе, султанот знаел дека ќе може да владее со Македонија и да ја задржи во рамки на Османската империја. Меѓутоа, по победата на Младотурската револуција и по неговото детронирање во 1909 година, младотурските лидери со своите ирационални политички и други постапки направија многу грешки. Некои од нив беа кардинални и историски и имаа мошне негативни последици за Османската империја. Со тие грешки придонесоа балканските држави кои беа поддржувани од Русија и некои други европски сили, да се обединат во војната против Османската империја за завојување на нејзините европски територии. Една од клучните грешки на Младотурците беше и изгласуваwе на Законот за цркви и училишта во османскиот Меxлис во јули 1910 година со што тие придонесоа во Македонија и за Македонија прво да се обединат црквите, а потоа и другите институции на Грција, Бугарија и Србија. Со тоа обединуваwе всушност беа удрени темелите на Балканскиот воен сојуз против Османската империја кон кој подоцна се приклучи и Црна Гора’ смета проф. Хамзаоглу.
‘Турската армија во Првата балканска војна само кај Куманово и кај Бакарно гумно водеше големи битки против сојузничките сили. Надвор од споменатите битки, по наредба на домашните и меѓународните масони кои беа инволвирани во турската армија и османското општество, од сите територии без борба се повлекуваше кон Истанбул и Анадолија. Таа без борба се повлече од Скопје во кој покрај гарнизонот, во рацете на народот имаше повеќе од 110.000 пушки и друго оружје. Без борба се повлече и од Солун во кој имаше повеќе од 40.000 добро наоружани војници, 400 најмодерни крупови топови, а во солунското пристаниште беа стационирани неколку разурнувачи, крстосувачи и најмалку две подморници. И нека не ве чуди тој податок со подморниците, зашто Турција на Балканот го имаше стационирано своето најмодерно оружје за тоа време’, истакнува проф. Хамзаоглу.
Овој збир на податоци покажува дека турската армија, иако распрсната на повеќе фронтови, можела да се спротивстави на балканските сојузници, посебно на Грците за кои сите податоци велат дека имала најслаба војска и покрај странските инструктори, и во најмала рака да води војна по која таа би седнала на преговарачка маса, но не како поразена страна, туку како рамноправен партнер, што на Македонија сосема извесно ќе и донело автономија. Вака, турскиот предлог на Лондонската конференција во 1912 година за автономна Македонија во рамки на Османската империја, бил арогантно одбиен.
Евентуален спас за Македонија можел да се најде во некаков преврат во Истанбул кој би ги симнал Младотурците од власт. Превратот навистина и се случил, но според проф. Хамзаоглу, бил изведен прекасно.
АНДАРТИТЕ ПРВИ ВЛЕГЛЕ ВО ГРАДОТ НА КАСАНДАР
Солун бил предаден на Грците на 26 октомври, односно 8 ноември 1912 година. Прва грчка сила која што влегла во Солун била андартската чета на адвокатот Чичеликис. Дури потоа во градот влегле и регуларните грчки трупи, што само по себе покажува дека Грците сфаќајќи ја инфериорноста на својата војска во однос на турската, внимателно го чекале развојот на настаните за дури потоа да настапат.
Инаку, градот Солун е основан од македонскиот крал Касандар во 315 г. пред нашата ера. Се верува дека името го добил по неговата сопруга, сестрата на Александар Македонски, Тесалоника. Втората верзија е дека името го добил по победата на Филип Втори над Тесалијците. Текст на Дарко ЈАНЕВСКИ https://denesen.mk/
