Најраспространето и најстаро превозно средство во градот бил пајтонот.
Во Скопје имало повеќе станици каде што стоеле пајтони кои служеле како јавен превоз и тоа: кај Железничка станица, на ул.”Престолонаследник Петар”, ул. “Кнез Арсен” до самиот плоштад, кај Државната болница и други.
Во Скопје постоело и Здружение на пајтонџии кое броело околу 500 членови кои вршеле превоз на патници во градот и надвор од него. Канцеларијата на Здружението на пајтонџиите, арабаџиите и амалите се наоѓала во зградата на салонот”Мацура”, прв секретар бил Коце Кратовалиев(“Кратовалија”), а на крајот Страхил Титизов. Здружението имало и своја слава на денот на Св.Тодор, веднаш по Прочка. Тоа бил празник на коњите. На тој ден коњите не се изведувале од шталите, нив дури не ги впрегнувале, а газдите – пајтонџиите оделе во црква, потоа во кафеана, на веселба и слично. Пајтонџиите биле и од муслиманска и од христијанска вероисповед.
Пајтонџиите работеле во дневна и ноќна смена. Дневната била од 6 до 20 ч. од април до октомври и од 7 до 18 ч. по октомври. Ноќната служба до 24 ч. била застапена со 4 пајтони, а до 4 ч. со два. Цените на возење, ако почетната постојка била кај Железничката станица, се движеле различно, во зависност од тоа колку луѓе се возеле и колкава била дестинацијата: од логорот “Крал Петар” 1-2 лица – 20 динари, 3-4 лица-25 динари, до Воена болница-15 динари, до Аеродром-20 динари, до Добиточниот пазар-20 динари итн.
Пајтонџиите имале обврска за задолжителна годишна регистрација и преглед.
