* 10 јануари 1897.- Во Прилеп е роден Методија Шаторов – Шарло, македонски национален деец. Шарло непосредно пред Втората светска војна доаѓа на чело на Покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Македонија за Македонија и на почетокот од бугарската окупација на Вардарска Македонија ја приклучува македонската комунистичка организација кон Бугарската работничка партија. Овој потег е осуден од страна на југословенското комунистичко раководство, тој е исклучен од КПЈ, а по ослободувањето официјалната македонска комунистичка историографија ќе го третира Шарло исклучително негативно. Инаку на 4 септември 1944 година, Методија Шаторов Шарло кој секогаш се изјаснувал како Македонец, при една акција на бугарската војска против партизаните, загинал под неразјаснети околности во близина на Пазарџик. Постои сомнеж дека неговото убиство било нарачано и извршено со знаење на БКП.

* 10 јануари 1923 ,роден е Трајко Стојковски – Бузо во Куманово, почина во Скопје, 14 октомври 2005, бил македонски партизан, учесник во НОВ, офицер на ЈНА и општественик. Прогласен е за народен херој на Југославија на 20 ноември 1951 година. Носител е и на Партизанска споменица 1941.
* 10 ЈАНУАРИ 1928 година во селото Дихово, Битолско, е роден Јонче ЃОРЃИЕВСКИ, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Како пионер бил активен во помагањето на антиокупаторското и антифашистичко движење во Битолско. Бугарската полиција го затворила и физички го малтретирала уште од 1942 г. Во март 1943 г. се илегализирал и стапил во партизанските единици. Учествувал во бројни борби со бугарските и германските окупаторски воени и полициски сили. Бил борец во составот на Првата македонска бригада и со неа учествувал во завршните борби за ослободување на земјата на Сремскиот фронт и во тие борби храбро го загубил животот на 25 март 1945 г. кај Славонска Пожега, Хрватска.
* 10 јануари 1991.- Во Скопје умре д-р Александар Лазаров, редовен професор на Медицинскиот факултет, долгогодишен директор на Гинеколошката клиника во Скопје и еден од првите стручњаци на гинекологијата во Македонија.
* 10 јануари 1994.- Владата на Република Македонија донесе одлука за пристапување на Република Македонија кон Конвенцијата за меѓународен превоз со железница од 1980 година.
* 10 јануари 1996.- Генералниот секретар на Обединетите нации Кофи Анан ја посети Република Македонија.
* 10 јануари 1996.- Република Македонија и Европската унија воспоставија дипломатски односи.
* 10 јануари 1999.- Во Скопје умре Симон Дракул, македонски писател, литературен преведувач, публицист, филмски сценарист и историограф. Mеѓу најзначајните негови дела се романот „Белата долина“, театрологијата „Или смрт“, монодрамата „Апостол војвода“ и други дела. Роден е во селото Лазарополе, Гостиварско, на 28 декември 1930 година.
* 10 јануари 2007.- Во Скопје умре Љупчо Стојменски, македонски поет и преведувач. Автор е на книгите „Меѓу двата брега“, „Крај тешките води“, „Вистини и сништа“, „Куршуми низ времето“ и други. Роден е во Штип, на 20 ноември 1931 година.
* 10 јануари 2013.– Во Охрид умре Кузман Поп Стефанија (77), долгогодишен член и водач на ансамблот „Билјана“ од Охрид. Поп Стефанија беше член на сите состави на ансамблот „Билјана“ од неговото формирање пред повеќе од пет децении, како инструменталист на хармоника. Заедно со други членови на ансамблот зад себе остави над 300 снимки на стари охридски староградски песни и препеви, седум албуми и неколку сингл-плочи. Целиот свој живот го посвети на песната, продолжувајќи ги традициите на охридската староградска музика. Она што го започнаа првите тајфи уште на крајот на 19 век, преку ансамблот „Билјана“ доби современ звук на традиционалното трубадурско пеење, преку песни изведувани со нови инструменти.