Првите автомобили “Рено” и “Форд” во Скопје биле донесени во 1911 година.
Први сопственици на автомобили во Скопје биле индустријалци, трговци и лекари. Тоа биле: сопственикот на фабриката за сапун “Аеро”, Стојан Стојановиќ, сопствениците на бензинската пумпа “Shell” Петрови, трговците Дича Филота, браќата Димитријевиќ и др.
Во 1927 година на плоштадот била отворена бензинската пумпа “Shell”. Покрај оваа имало уште една пумпа на”Shell”, а две пумпи во Старата чаршија кои биле сопственост на фамилијата Петрови, имале лиценцно право на Standard Oil Company. Пумпите биле рачни, а во визбите имале резервоари од каде што се црпел бензинот.
Од пумпите најчесто се точел бензин во шишиња од 5 литри или во канти, а можело и со инка директно да се точи во автомобил. Еден литар бензин чинел 7,5 динари.
Најстрого било забрането возење на автомобили низ град побрзо од 10 км на час, а возачите требале со труба да свирнат кога преминувале од една на друга улица, кога доаѓале на раскрсница или преоѓале преку мост, за жандармите и минувачите да знаат во кој правец се движат автомобилите. Ако оделе напред-свирнувале еднаш, лево-трипати и десно-двапати. Оние кои не се придружувале кон овие правила биле казнувани со 150 динари казна или 20 дена затвор.
Во 1936 год. била отворена првата сервисна гаража на Браќата Поповиќ.
Според податоците кои се среќаваат во “Службен лист на Вардарска Бановина” од 19.12.1935 год., во Скопје биле регистрирани 124 патнички автомобили, 24 товарни возила, 25 мотоцикли, 1300 велосипеди и 110 пајтони.
