Камениот мост е најпознатиот симбол на Скопје. Го има во сите промотивни видеа за градот, претставува најчест мотив на поштенските разгледници и доминира на грбот на Скопје. Најфреквентниот пешачки мост на реката Вардар го изградил или Јустинијан I во VI век или Мехмед II Освојувачот во XVвек. Освен тоа мостот историски е познат и како „Душанов мост“, во чест на српскиот цар Душан. Камен мост се смета за симбол на градот Скопје. Камен мост е прикажан како составен елемент на грбот на градот.

Низ вековите неговиот изглед бил менуван, бидејќи често бил жртва на поплави, земјотреси и пожари.
Во својата првобитна форма, мостот имал 13 сводови, со вкупна должина 213,85 м. и ширина од 6,33 м. Тој бил изграден од травертински блокови наредени со големо мајсторство и точност, меѓусебно врзани со железни кламфи, зацврстени со леано олово, кршен камен и малтер употребени во внатрешноста на столбовите. Некои од нив – како што е на пример средишниот столб, кој во својот горен дел завршува со украсна ниша (стражарница), во својата внатрешност имаат големи простории со двојна функција, да го намалат, оптоварувањето на столбот, но и да послужат како простории со пушкарници.

Во 1944 година Камениот мост бил миниран од страна на фашистичката војска, но со ослободувањето на градот било спречено активирањето на поставениот динамит и мостот бил спасен од уривање.