НА ДЕНЕШЕН ДЕН -26 АВГУСТ
*26 август 1944.- На Кајмакчалан, во борба против бугарската војска, како комесар на баталјон, загина Овадија Естреја – Мара, народен херој на Југославија, од Македонија. Родена е во Битола, во 1921 година.


*26 август 1904.- Во Скопје е роден Томо Владимирски, македонски академски сликар и сценограф. Уметничка школа заврши во Белград. Од 1929 година работеше како сценограф во Македонскиот народен театар во Скопје и во други театри во Македонија. Во сликарството мотиви му се луѓето, историјата и пејзажи на Македонија. Умре во Скопје, на 14 септември 1971 година.

*26 август 1910.- Во Скопје е родена Мајка Тереза (вистинското име и е Агнеса Гонџа Бојаџиу), основач на милосрдието. Во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир за извонредно широката дејност во помагањето на бедните, болните и унесреќените во целиот свет. Умре во Калкута, Индија, на 5 септември 1997 година.
*26 август 1920.- Ратификуван е 19 амандман од Уставот на САД, со кој жените добија право на глас.
26 август 1944.- Бугарија, сојзуничка на Германија во Втората светска војна, соочена со навлегувањето на советските трупи, соопшти дека излегува од војната.
*26 август 1945.- Во Битола бегалците од Егејска Македонија излегоа на протестен митинг со барање да престане теророт и прогонот на Македонците спроведуван од страна на грчките власти

*26 август 2001.- Во воениот конфликт со експлозив беше кренат во воздух и целосно беше урнат мотелот „Бриони“, лоциран покрај реката Вардар, во близина на селото Челопек, Тетовско.

Притоа, од експлозијата животот го загубија (беа најдени врзани со динамит околу телата) двајцата чувари на објектот – Боге Илиевски и Свете Трајчевски

*26 август 2016 отворен за сообраќај новиот –третиот мост преку Босфор , тоа е најдолгиот висечки мост со железнички систем во светот. Долг е 1,4 километри, широк 59 метри и ќе има осум сообраќајни ленти и двонасочна железничка пруга. Изградбата чинеше 900 милиони евра. Пилоните на мостот високи се 323 метри, што ги става во рангот на Ајфеловата кула (324 метри).Се очекува мостот да го намали сообраќајниот метеж во Истанбул и да го олесни проблемот со загадувањето на воздухот во градот. Дневно ќе го преминуваат околу 135.000 автомобили. Мостарината за автомобилите кои ќе минуваат од европска кон азиска страна ќе изнесува три евра, а во обратен правец нема да се наплатува.










































