Голема е недоумицата меѓу верниците за тоа, колку долго треба да ја чуваат светата вода, што да прават со старата кога ќе стигне новата, и за што се користи светата вода. Еве ги одговорите:
Широка е употребата на осветената вода. Таа се користи при многу чинови на Светата Црква, без разлика дали е вода што се осветува непосредно или дали се користи претходно осветена вода. Така, осветената вода се користи за осветување на храмови, домови, надгробни споменици, икони и разни предмети кои луѓето ги користат.
Во светата тајна Крштение, осветената вода станува „вода на очистувањето, бања на препородување, извор на животот“, во која оној што се крштева се раѓа со „вода и дух“ за нова реалност на Царството Небесно.
Осветената вода има свое потекло уште во првите векови на христијанството, за што сведочат повеќе од древните пишани извори.
Денес се познати две осветувања на вода: големо и мало. Големото осветување се врши два пати во годината: на Крстовден (предвечерието на Бојавление) и на Богојавление, за што се сеќаваме на крштението на Господ Исус Христос во реката Јордан, во кое Црквата го гледа прототипот на очистување на гревовите, но и вистинско осветување на природната вода со присуството на Бога.
Тоа е свечен обред на кој редовно присуствува мноштво народ, кој осветената вода ја носи во своите домови, затоа што таа Света Вода – Богојавленска се чува во секој дом преку целата година како голема светиња, а се користи само за важна потреба (болест, вознемирување од лоши духови)
Малиот водосвет се врши во разни прилики, како при други црковни чинови и на барање на верниците. Во зависност од потребата, малото осветување може да се изврши во секое време и на секое место: во куќа, во поле, во градина и тн.
Во нашата Православна црква има традиција свештеникот во текот на годината да доаѓа четири пати за да крсти вода [за време на секој пост], како и пред нашата куќна слава. Со доаѓањето на свештеникот во куќата и осветувањето на водата, доаѓа и Божјата благодат во вашиот дом, затоа што по осветувањето на водата свештеникот со Светата Вода ја попрскува целата куќа и сите присутни, и ги благословува со целивање на светиот Крст.
Колку долго може да се чува Светата вода, особено онаа која се осветува на Крстовден, Богојавление и на Велигден? Што се прави со старата водата кога по една година ќе стигне новата?
Светата вода, особено онаа од Богојавление (која народот ја носи во своите домови), може да се чува неограничено. Колку и да ја чуваме, таа не ја губи светоста, ниту пак се расипува.
Па, по тоа народно, а сега и црковно предание, доколку целата количина на Богојавленска вода не се потроши побожно во тековната година, тогаш кога ќе стигне новата вода, остатокот од старата се тура во бунар, река или цвеќе (или се пие). Во секој случај, се истура на места каде нема да биде изложена на газење и осквернување.
Што се однесува до водата која се осветува во домовите, во текот на постот од неа може, а и треба да се пие секое утро пред јадење и така да се потроши.
Целата осветена вода за куќната слава се употребува за правењето на славската погача, а може и да се остави малку за сите членови на домот да се напијат по една голтка за осветување на душата и телото. Припремено од о.Драги Костадиновски