ЃУРЃЕЈЦА-Кичево

0
28

Сведоштва :

СО ЗНАМИЊА, ГАЈДИ И ПЕСНИ

ВО СМРТ

Секогаш кога ќе се спомне Ѓурѓејца, Кичевчани, но не и само тие, туку и цела Македонија, а и пошироко, треба да застанат простум за да им ја одадат должината почит на македонските востаници за јуначкиот подвиг од 04 август 1903 година, бидејќи за него се говори со пиетет, почит и восхит, како за ниеден друг настан од поновата историја на македонскиот народ.

Многу пати досега, сум подвлекол, а тоа го сториле и други автори, дека овде, на просторот меѓу селата Карбуница и Кладник, се одиграла една од најжестоките, најголемите и најкрвавите борби што се воделе за време на Илинденското востание, во кичевскиот револуционерен реон, но и пошироко.

Исто така многу пати досега сум рекол, а тоа го рекле и други, дека за жал, во македонската историографија таа не ги добила ниту местото, а уште помалку значењето кои со право и припаѓаат,бидејќи во оваа битка македонските востаници извојуваа значајна победа над далеку побројниот непријател.

И сега ќе речам оти место и време за поправен испит има.

Инаку, овој пат намерата ми е да потсетам на неколку помалку познати настани.

Така, сметам за потребно да се знае дека знамето кое се веело во рацете на востаниците во битката на Ѓурѓејца било навезено во селото Брждани од страна на сестрите Кадинка и Трендафилка, а знаменосец бил Крсте Гиноски од селото Свињиште.

Познато е дека битката на Ѓурѓејца, кога во екот на најжестоките судири на аскерот му доаѓа ново засилување од Кичево и кога водачот на башибозукот Сефер-ага, од селото Зајас, се обидел да ги поведе своите луѓе кон востаниците, добива друг тек откако него го убива тешко ранетиот комита Аритон Јанески од селото Бигор Доленци, кој бил скриен во една леска и кој пукал од непосредна близина. Турците веднаш му се одмаздиле на Аритон, убивајќи го.

По завршувањето на битката, на просторот на Ѓурѓејца останале да лежат 30-тина македонски востаници, додека бројот на загинати турски аскери и башибозук бил четири пати поголем.

Кога се зборува за Ѓурѓејца треба да се истакне дека пред оваа решавачка битка, река од луѓе се “сливала” кон ова место. Тие в раце носеле развиорени знамиња, коси, вили, пушки… Со гајди и песни, измешани комити и селани, дури и жени, оделе како на веселба, а не во смрт.

Секако дека сето ова само говори колкава била желбата за слобода и стремежот да се победи петвековниот непријател.

Токму затоа Ѓурѓејца е нашиот, не само кичевски, туку и македонски непокор.

Зоран Јованоски

Фото :ПСД “Бистра” – Кичево

Претходниот артикал,ФК КАДИНО ВО 80-те
Следната статијаЛаде Велковски

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука