*13 јуни 1943.- Во месноста Лопушник Кичевско,загинал Кочо Рацин македонски поет и револуционер, еден од основоположниците на современата македонска литература. Загина во близина на партизанската печатница и до ден денес неразјаснето е како загинал, иако званично се води како несреќен случај.

Спаѓа во генерацијата македонска интелигенција созреана во периодот меѓу двете светски војни, онаа која застана на браникот на македонската национална, културна и јазична посебност. Рациновата поезија плени со лириката, со пластичниот опис на социјалната положба на македонскиот народ и повикува на борба за слобода и правдини, пренесувајќи универзални пораки и вредности. Неговата, до крај нерасчистена смрт, буди многу сомнежи, посебно што бил во судир со повеќе високи партиски раководители. Бил бојкотиран, омаловажуван, доведен до работ на егзистенција, но не се откажал од идејата за посебна македонска азбука. Составувајќи речник на македонските дијалекти сакал да го покаже богатството на македонскиот јазик. Пишува теми од историјата на македонскиот народ и објавува трудови од различни области во повеќе југословенски списанија. Како самосвесен Македонец оставил длабоки траги во македонската историја и култура.Телото на Кочо Рацин било погребано во близина на Печатницата во Лопушник, од каде што, по ослободувањето, неговите посмртни останки биле пренесени во родниот Велес. Најпознато негово дело е збирката песни “Бели мугри”. Роден е во Велес, на 22 декември 1908 година. Интересна е приказната дека неговите најблиски за смртта на Рацин дознале дури една година подоцна.

*13 јуни 1888 г.,роден е Томо Смиљаниќ –Брадина , македонски етнограф, филолог, поет, прозаист, драмски автор и публицист. Тој е првиот македонски етнолог кој вршел историско етнографски истражувања на Миачијата и на животот и дејноста на поистакнатите Мијаци како Партенија Зографски, Ѓорѓија Пулевски и други, а ги проследува и делата на П. Драганов, К. Мисирков и Д. Чуповски. Оставил значајни научни истражувања (повеќе од 150), кои се наоѓаат во МАНУ, а голем дел и во Српската академија на науките и уметностите (САНУ). Почина на 10 мај 1969г.во Белград.
*13 јуни 1894.- Пуштена е во сообраќај железничката пруга Битола – Солун.
*13 јуни 1993.- Во Скопје умре Васил Куновски, македонски писател. Неговото поетско дело за деца е мошне обемно. Првата негова објавена книга (во 1950 година) е песната “Волшебното ливче”, а последната е публикувана во 1984 година со наслов “Оро весело” (поезија за предучилишна возраст). Роден е во Дебар, на 20 ноември 1916 година.

* 13 јуни 1947 роден е Саво Климовски — македонски универзитетски професор и политичар,бил Претседател наСобранието на Р. Македонија.
*13 јуни 2003.- Во селото Дрслајца, Струшко, умре Крсте Чачански, македонски писател. Првата негова објавена книга е “Бреговина” (поезија, 1972 година), а последна “Книга на небото” (роман, 2000 година). Роден е во село Дрслајца, на 25 септември 1949 година.
*13 јуни 2006.- На 82-годишна возраст во Охрид почина познатиот македонски ликовен уметник Вангел Наумовски. Со своето творештво Наумовски во 60-тите години на минатиот век стана познат не само во Македонија, туку и во европски и светски рамки. Охрид и особено езерскиот имагинарен свет постојано се присутни во делата на Наумовски. Покрај ликовно творештво, тој остави траги и со својот литературен опус.

13 јуни 2017 Излегол последниот број на дневниот весник „Дневник“.Првиот приватен весник во Македонија, денеска за последен пат се најде на трафиките. Згаснуваат и порталите на „Вест“ и на „Утрински Весник“ , дел од групацијата МПМ, кои престанаа да се печатат во април.