– 20 јануари 1936.- Пуштена е во сообраќај железничката линија Велес- Прилеп во должина од 86 километри.

-20 јануари 1909 година. Роден
е Андон Дуков – македонски ликовен уметник, сликар, резбар, наставник и
учесник во анти-фашистичката Народноослободителна борба (НОБ) во Македонија. Откако во родниот град го завршил Копаничарско
училиште, заминал во Белград каде што студирал на Уметничката академија. Потоа
работел како учител по цртање во гимназијата во Врање.
По капитулацијата на Кралството Југославија 1941
година, се вратил во Охрид, каде што се вклучил во борбата против бугарската
фашистичка окупација. На 27 ноември 1941 година е осуден во отсуство на 12 ипол
години затвор. Умрел од измрзнување на 16 февруари 1944 година на планината
Кожуф. Борци на Првата македонско-косовска ударна бригада го пронашле бос и
смрзнат, со празен ранец на грбот и со пушка која ја држел со згрчени,
вкочанети раце.

– 20 ЈАНУАРИ 1910 г. во Битола е роден Вангел ЧУКАЛЕВСКИ, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија, воен пилот. Во предвоениот период бил пилот, со чин капетан во бившата Југословенска војска. Во време на бугарската окупација на Битола го помагал антиокупаторското движење, бил организатор и член на градскиот НОО, а во почетокот на 1944 г. се приклучил на партизанските единици. Во 1944 г. станал член на КПМ и командант на Четвртата оперативна зона на НОВ и ПОМ. Бил командант на Првата македонска НОУБ од денот на нејзиното формирање 8 јуни 1944 г., па се до 25 септември 1944 г. Унапреден во чин мајор на НОВ и ПОМ на 1 јули 1944 г. и станал прв помошник на началникот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ од 25 септември 1944 г. Бил избран за делегат на Второто заседание на АВНОЈ и учесник на Првото заседание на АСНОМ. Бил одликуван од Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ со Орден партизанска yвезда во октомври 1944 г. и на 1 декември 1944 г. бил унапреден во чин потполковник на Народноослободителната војска на Југославија (НОВЈ). По целосното ослободување на земјата од фашистичките окупатори ги стекнал највисоките офицерски чинови на Југословенската народна армија (ЈНА) и во нејзини рамки вршел разни одговорни должности. Починал во Белград, Србија, на 8 јануари 1983 г.

— 20 јануари1847 г. во Охрид роден е Преподобниот Јоаникиј Ракотински од православни родители Ѓорѓи и Софија .Долгогодишен Игумен и старешина на Манастирот „Св. Илија “кај Ракотинци.Наскоро се очекува МПЦ да го прогласи за Светител.

– 20 јануари 1898.- Во Шабац, Србија, умре Коста Абрашевиќ, македонски пролетерски поет. Се школуваше во Охрид. По преселувањето на неговото семејство во Шабац, го продолжи образованието и мошне млад почна да пишува песни, љубовни и патриотски. Во 1894 година се запозна со социјалистичките идеи на кои им остана приврзан до крајот на животот. Тој беше против општествените разлики, против силата и богатството. Пишуваше на српскохрватски јазик и е еден од најзначајните поети Македонци кои твореа на друг јазик. Роден е во Охрид, на 29 мај 1879 година.

– 20 ЈАНУАРИ 1920 г., во Битола е роден Бено Исак РУСО, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија, генерал-мајор на ЈНА. Завршил основно училиште, бил механичарски калфа. Служел воен рок во 1941 г. и бил заробен од германските сили и спроведен во логор. Избегал од логорот, се вратил во Македонија и се вклучил во НОАВМ. Во 1941 г. станал член на КПЈ, а во 1942 г. борец во ПО „Јане Сандански“ и во ПО „Даме Груев“. Во 1943 г. бил во баталјонот „Мирче Ацев“. Бил политички комесар на чета, на баталјон, на бригада и на 41. дивизија. Како политком на 15. (македонски) корпус учествувал во борбите на Сремскиот фронт. По војната завршил Виша политичка школа „Ѓуро Ѓаковиќ“ и Виша воена академија. Во 1960 г. бил унапреден во чин генерал-мајор. Во пензија бил од 1970 г. Одликуван бил со: Партизанска споменица 1941, Орден југословенско знаме со лента, Орден заслуги за народ од прв ред и др. Починал во Скопје на 18 јуни 2006 година.
– 20 јануари 1945.- Во Воденско, Егејска Македонија, е формирана Тајната македонска ослободителна револуционерна организација (ТМОРО). Иницијатор, организатор и раководител на организацијата беше Вангел Ајановски – Оче. Целта на организацијата беше да се бори за извојување на националните права на Македонците, против силите што им се спротивставуваа на овие стремежи, да се бори за нормализирање на односите со КПГ и со другите грчки прогресивни сили.

– 20 јануари 2015.- Во Скопје почина проф. д-р Јован Тофоски, претседател на Македонско лекарско друштво. Докторирал во 1985 година, а во 1997 година е избран за редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје. Во 2001 година под негово водство е родено првото „дете од епрувета“ во Македонија. Беше автор или коавтор на над 130 стручно-научни трудови. Проф. д-р Тофоски ја извршуваше и функцијата претседател на Црвениот крст на поранешна Југославија и експерт на Светската здравствена организација од областа на репродуктивното здравје. Исто така, проф. д-р Тофоски беше министер за здравство во втората Влада по осамостојувањето на Република Македонија. Носител е на повеќе признанија, како и на највисокото, на Македонско лекарско друштво – повелбата „Трифун Пановски”. Проф. д-р Јован Тофоски е роден во Прилеп во 1940 година.