*25 февруари 1944 година Кузман Јосифовски – Питу, вториот наш Гоце Делчев,бил убиен под мошне неразјаснети околности . Претходно била опколена куќата во сегашната скопска населба Трнодол, каде што се наоѓал тој. Кузман успеал да се извлече, да побегне, но стигнал само некој километар подолу до денешна „Алумина“, каде што бил застрелан.За убиството на Кузман Јосифовски неговото семејство дознало дури после една година ,кога на првиот митинг во ослободен Прилеп ,кога меѓу загинатите било прочитано и неговото име.Кузман бил член на Главниот штаб на ЦК КПМ и на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Роден е во Прилеп, на 23 јуни 1915 година.

* 25 февруари 1611 година е роден славниот отомански патописец, Евлија Челебија, чии патописи се особено значајни за историографијата на Македонија.

*25 февруари 1923.- Во Струмица е роден Александар Думов, доајен на Народниот театар во Струмица и еден од основоположниците на театарската култура во Македонија. Освен во театарот во Струмица, како артист и режисер, има работено и во театрите во Велес, во Битола и во Штип. Умре во Скопје, на 25 ноември 1989 година.
*25 февруари 1925.- Во Свиленград, Бугарија, од ванчомихајловистите е убиен Георги Скрижовски (Георги Радев Иванов), македонски револуционер, учител и војвода и член на ВМРО. За време на Младотурската револуција беше еден од раководителите на НФП. Учесник е во Балканските војни и во Првата светска војна. Роден е во селото Скрижово, Драмско, во 1880 година.
*25 февруари 1930 година во Кавадарци се одржал состанокот на Управниот одбор на пејачкото друштво „Братство“ за избор на Мис на Кавадарци. Се расправало за одржување на маскембал на 1 март истата година кога требало да се одржи и изборот на Мис на Кавадарци.Нема документ за бројот и имињата на пријавените кандидатки ,но потврдено е дека тој се одржал во Кавадарци и била избрана најубавата кавадарчанка тие рани години на 20 век.Во записникот стои дека најубавата кавадарчанка добила на подарок комплет за ручек со 6 ножа,лажици и вилушки.Првата придружничка на Мис била наградена со шест фиџани за чај а втортата придружничка како награда добила машина за мелење ореви.
*25 февруари 1944 – во Велес роден е Боре Ангеловски актер, режисер, преведувач, сценограф, костимограф, театарски педагог, театарски теоретичар, бекетолог, основач и уметнички раководител на Младинско Драмско Студио – Велес, основач и уметнички раководител на Театар Чекори – Скопје, икона на драмскиот аматеризам и театарската алтернатива во Република Македонија и поранешна Југославија.Почина на 14 јуни 2009.

*25 февруари 1949.- Со закон на Народното собрание на НР Македонија е основан Универзитетот во Скопје. Со одржувањето на првото Универзитетско собрание на 24 април 1949 година, е означено раѓањето на Универзитетот како највисока научна и образовна институција во Македонија. Во 1969 година, при одбележувањето на 20-годишнината од работата на Универзитетот, тој го доби името Универзитет “Кирил и Методиј”, а на 12 ноември 1992 година, со одлука на Универзитетскиот совет, Универзитетот “Кирил и Методиј” пред името на словенските просветители го доби и епитетот свети, значи “Свети Кирил и Методиј”.
*25 февруари1976 г., македонскиот фудбалски прволигаш Вардар, со резултат од 3-1 го совлада тогашниот, а воедно сегашен германски бундеслигаш Шалке 04, на пријателски натпревар одигран во Скопје.
*25 февруари 1994.- Во Брисел официјално започна да работи Амбасадата на Република Македонија.
*25 февруари 1999.- Народна Република Кина стави вето за продолжување на мандатот на УНПРЕДЕП уште шест месеци во Република Македонија. Од 1 март 1999 година УНПРЕДЕП ги прекина активностите во Република Македонија.