НА ДЕНЕШЕН ДЕН -25 Ноември

0
167

*25 ноември е Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените

*25 октомври 1925 во селото Долнени, Прилепско,роден е Пеце Атанасовски. Неговите први музички ангажмани започнале со националната радио станица. Тој бил професионално ангажиран во Радио Скопје од 1946 година и во Државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“ од Скопје, почнувајќи од 1950 година. Починал на 14 септември 1996 година, во Скопје.Долги години беше и раководител-кореограф на нашиот КУД Илинден –Илинден.

* 25 декември 1855 година во селото Голозинци, Велешко роден е Антон Лазов Јанев Македонски револуционер, деец на ТМОРО/ВМОРО. Познат како Андон Ќосето или Андон Велешанецот, од 1896 година бил борец во четите на Михаил А. Попето, Јане Сандански, Христо Чернопеев и други, а потоа формирал своја чета. Во 1897 година учествувал во пленувањето на струмичкиот Назлим-беј, потоа во 1901 година на мисионерката Мис Стон, како и во Илинденското востание во 1903 г. Потоа бил војвода во Гевгелиско, инспектор на четите, делегат на првиот (редовен) конгрес на Серскиот револуционерен округ (1905) и доброволец во Македонско-одринското ополчение (1912–1913), по што живеел во Горна Џумаја. Секоја наредба на ВМРО ја извршувал без поговор. Таму каде што ќе загустеле работите на теренот, каде требало да се расчистат сметките со тие што му создавале проблеми на народот го испраќале Ќосето.

 *25 ноември 1939 е испечатена стихозбирката “Бели мугри”. Бели мугри е збирка поезија од Кочо Рацин, објавена во 1939 во Самобор близу Загреб. Таа е трета стихозбирка објавена на MAKЕДОНСКИ ЈАЗИК по стихозбирките на Венко Марковски, „Народни бигори“ и „Огинот“ (1938).Стихозбирката е испечатена на 25 ноември во печатницата на Драгутин Шпулер во 4.000 примероци. Според вообичаената комунистичка практика, насловот е испечатен со црвени букви, а поради опасноста да се дознае идентитетот на авторот, Коста Солев ја објавува под псевдонимот К. Рацин.

* 25 ноември 1990г. Се одржаа првите парламентарни избори според мнозинскиот изборен систем, во два круга. Се гласаше во 120 изборни единици за собраниски состав од 120 пратеници. Учествуваа 18 политички партии и 43 независни кандидати. Вториот круг се одржа на 25 ноември 1990 година. ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг доби 238.367 гласови (29,9%) и освои 38 мандати. Гласачкиот одзив во вториот круг беше 831.218, односно 76,8%. Со вкупно 38 мандати, ВМРО-ДПМНЕ беше победник на првите парламентарни избори,но сепак не направи Влада на Македонија,туку се направи Експертна Влада,која траеше до 1992г.

* 25 ноември 1920г. За скопски митрополит е избран епископот Варнава,дојден од Црна Гора ,а според кажувања на постари лица од Илинден тој потекнува од нашиве краишта и како мало дете бил посинет во Црна Гора.

* 25 ноември 1920.- Во Скопје избувна штрајк на 120 кројачки работници, кои бараа зголемување на надниците за 10 насто и воведување на осумчасовен работен ден. Работодавците беа категорични против исполнувањето на скромните барања на штрајкувачите, но сепак штрајкот заврши со делумен успех.

* 25 ноември 1923.- Во селото Крчишта, Костурско, е роден Михаил Апостолов – Гранати, македонски револуционер и борец за слобода на Македонија, активист и организатор на НОФ за Егејска Македонија. На планината Грамос, во месноста Клепчево, во моментот кога заедно со своите соборци, како политички комесар на баталјон на ДАГ, јуначки се бореше и јуришаше во една од најтешките борби против грчката владина војска, загина на 31 март 1948 година.

* 25 ноември 1935 роден е Миле Неделкоски — македонски поет.

*  25 ноември 1947 г. роден е  Наум Попески — македонски писател.

* 25 ноември 1948г. се родил Тодор Бојаџиев ,македонски композитор. Своето композиторско деби го имал на фестивалот во Суботица, Младина ‘72, Напишал музика за неколку театарски претстави. На полето на класичната музика создал десетина композиции, главно, во периодот 1997–2006година. Во 2005 го издал авторскиот албум „Ѕвездени ноќи“, со 15 инструментални композиции содадени во изминатиот период. По кусо и тешко боледување Бојаџиев починал на 30 декември 2009 во Скопје

* 25 ноември 1974.- Умре У Тант, бурмански дипломат, трипати по ред генерален секретар на ООН (1962 до 1971). У Тант е прогласен за почесен граѓанин на Скопје. На 30 август 1970 година присаствувал и на прогласувањето на мостот Обединети нации, мост кој ја премостува реката Вардар и ги поврзува населбите Влае и Карпош 4. Сегашната форма мостот ја добил во средината на шеесеттите години од минатиот век, кога се градел булеварот Партизански одреди. Официјално мостот е пуштен во употреба во 1967 година. Во 2009 година мостот бил саниран и реконстриуран.

* 25 ноември 1993.- Весникот “Нова Македонија”, освен со текст, присутен е и со фотографии во сите делови на Европа и светот. Со вклучувањето преку сателитска врска во фото-сервисот на ЕПА (Европска фото агенција), “Нова Македонија” визуелно ги покрива сите значајни дневни настани во светот.

* 25 ноември 1995.- Во Скопје умре д-р Панчо Давчев, македонски академик, еден од основачите на Клиниката за гастроентерологија во Скопје. Роден е во Велес, на 15 јуни 1922 година.

 *25 ноември, 2018 година, почина еден од бардовите на македонското глумиште, Мите Грозданов.Мите Грозданов веднаш по дипломирањето на Театарската академија во Белград на отсекот за глума во 1967 год.  се вработува во Драмскиот театар кој ќе остане негова матична сцена сѐ до пензионирањето во 2008 година.

Случајот сакаше така што токму нему му се посреќи на самиот почеток да се вивне во уметничкте височини закитувајќи се со Златниот ловоров венец на престижниот сараевски фестивал МЕСС за насловната улога во Партитурата за еден Митрон. Помеѓу оваа претстава и Историската хроника, монодрама која тој ја одигра по повод официјалното заминување во пензија се врамени уште многу улоги, награди, монодрами, но и поетски збирки, приватниот театар Македонија, а на крајот секако не помалку значајно за неговата кариера и творечко кредо тука се подразбира и неговата боемштина која лично ја смета за составен дел на деликатната и тешка професијата.

*25 ноември 2024 годинана 73 годишна возраст, се упокои во Господа Високопреосвештениот Митрополит Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј.

Тимотеј ја загуби битката откако неколку дена бил на болничко лекување поради проблеми кои ги имал со срцето.

Тимотеј е роден на 20 октомври 1951 година во Младо Нагоричане, Кумановско како Славе Јовановски.

Во 1976 година дипломирал на Богословскиот факултет. Потоа работел како службеник во Македонската архиепископија.

Од страна на Синодот бил испратен во Рим каде ги завршил ориенталните студии и магистратура. На богословскиот факултет во Скопје извесно време Јовановски работел и како професор, а е поставен и за в.д. ректор на Македонската православна богословија.

Претходниот артикал,Екипа во мал фудбал, составена од ветерани на ФК Илинден
Следната статијаКако настанало името Попова Шапка

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука