НА ДЕНЕШЕН ДЕН 4 ЈАНУАРИ

0
95

4 јануари 1943 – Убиствата на Страшо Пинџур (с. Ваташа, Кавадаречко, 3.3.1915 – Скопје 4.1.1943) и Мирче Ацев (Ореовец, Прилепско, 26.9.1915 – Скопје, 4.1.1943), македонски револуционери и национални дејци, организатори и учесници во НОБ.Биле упасени од страна на бугарската полиција во Велес, зверски измачувани и убиени во скопскиот затвор. Мирче Ацев кој поради тешките физички измачувања се наоѓал во критична состојба, агентите го фрлиле од прозорецот и ја ширеле веста дека тој сам си го одзел животот.На 13 јануари активисти на КП успеале да ги однесат посмртните останки во Прилеп.По континуираното измачување, пак, Страшо Пинџур бил оставен 24 часа во неговата ќелија и кога повторно требало да продолжи „испитувањето”, агентите го пронашле затвореникот мртов. Исплашени дека може да се создаде поголем револт кај македонскиот народ од ваквото сурово убиство на Страшо Пинџур, бугарските окупаторски власти решиле да инсценираат негово наводно бекство. Полицијата го закопала телото на Пинџур на непозната локација, а потоа било подготвено сценарио според кое требало да се создаде впечаток во јавноста дека политичкиот затвореник Страшо Пинџур побегнал некаде во околината на Велес.

Интересна е судбината на СТРАШО ПИНЏУР (с. Ваташа, Кавадаречко, 3.3.1915 – Скопје 4.1.1943). Неговиот татко, војводата Диме Пинџуров, учесник во Тиквешкото востание 1913, загинал во Првата светска војна во 1915 година. Страшо бил одгледан од неговата баба Наца Пинџурова чија восочна фигура се наоѓа во Музејот на македонскта борба. Имено, српски жандар и ги гори нозете со усвитено железо да каже каде е синот Диме. Таа и покрај сите маки само одговарала, која ли мајка ќе си го предаде синот. Тоа е судбината на Пинџурови и на мајката Наца. Синот го изгубила во Првата, а внукот во Втората светска војна и го дочекала формирањето на Демократска федерална Македонија на 2 август 1944. -позајмено од Проф.Виолета Ачковска.

*4 ЈАНУАРИ 1902 година во село Ѓавато, Битолско, е роден Трајан БЕЛЕВ-Гоце, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Бил на печалба во Франција, Канада и САД. Од 1928 г. станал член на Комунистичката партија на Америка. Заради учестви во работнички демонстрации и работа на комунистичка линија од властите на САД повеќепати бил затваран, суден и малтретиран. На крајот, по десетогодишен престој, бил присилно екстрадиран од САД.  Во време на бугарската окупација на Битолско бил активен во организирањето на вооружен отпор. Во тој период најпрво бил секретар на Првиот битолски реон на КПЈ. Во 1942 г. станал член на Окружниот оперативен воен штаб во Битола. Подоцна бил политички комесар на Партизанскиот одред “Дамјан Груев” и со него учествувал во нападот на полициската станица во селото Кажани на 18-19 август 1942 г. Бил заменик политички комесар на Првиот баталјон на Втората оперативна зона на НОВ и ПОМ односно на баталјонот “Мирче Ацев”. Загинал на 6 октомври 1943 г., кај селото Кленоец, Кичевско во борба со балистичките сили.

*4 Јануари 1908г. Димко Сарванов паѓа во заседа во село Ношпал и за да не падне жив во рацете на турците, се самоубива. Погребан е на гробиштата во дворот на црквата „Света Недела” во Битола.
Димко Могилчето или Димче Могилче е еден од легендарните лица по време на славното Илинденско-Преображенско востание во 1903г. Тој е војвода на ВМОРО.
Роден во 1879 во битолското село Могила, тогаш во Османската империја.Завршува основно училиште во Могила и станува член на ВМОРО, каде што е и поголемиот негов брат. Влегува во четата на Георги Сугарев и дејствува со неа во Битолско и Мариово.
После смртта на Георги Сугарев продолжува борбата против четите на грчката пропаганда во Мариово. Определен е за битолски војвода и дејствува со 8 души четници. Негови помошни војводи се Христо Атанасов, Иван Димов Пашата и Алексо Стефанов.

*4 јануари 1909.- Во селото Лавци, Битолско, е роден Тодор Ангеловски, меѓу народот познат како Тошо Даскалот, учител и просветител, борец против угнетувачкиот великосрпски режим, бестрашен борец против бугарскиот  окупатор и еден од првите учесници во НОВ во Македонија. Загина, односно се самоуби, во борба против бугарскиот окупатор кај селото Лавци, на 12 јуни 1943 година.

*4 ЈАНУАРИ 1921 година во Битола е роден Стево ХРИСТОВСКИ-Патако, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Студирал на правниот факултет во Белград, а по окупацијата во Софија. Уште пред војната станал член на КПЈ и се пројавувал со својата активност во редовите на револуционерното движење во Битола.За време на окупацијата, поради борбените негови активности, на два пати бил затворан и мачен. Кон крајот на 1942 г. бил уапсен и по тортурите во битолскиот затвор, бугарската полиција без изнудено признание и докази од него, го интернирала во Кавала, во Егејскиот дел на Македонија. По априлско-мајската провала во партиската организација во Битола во 1943 г., бугарската полиција добила нови сознанија за неговата активност и се решила да го врати назад од интернација. Но, тој на битолската железничка станица успеал да $ избега на полицијата и продолжил илегално да живее и дејствува во Битола. За тоа време поминато во илегала, не мирувал, туку неуморно работел за потребите на Партијата и извршувал најразлични одговорни партиски должности. На 28 јули 1943 г. бил повторно откриен и обиколен од бугарската полиција. Влегол во борба, но увидувајќи дека борбата е осудена на неуспех, со последнот куршум се убил, за да не падне жив во рацете на непријателот.

.*4 јануари 1954.- Во Скопје умре Димитар Андонов – Папрадишки, македонски зограф, еден од втемелувачите на современата македонска уметност. Роден е во селото Папрадиште, во 1859 година.

*4 јануари 1992.- Владата на Република Македонија донесе одлука со која 7 јануари – првиот ден Божик, се прогласува за неработен ден. Ова е првпат во Македонија верски празник и официјално да биде прогласен за неработен.

*4 јануари 1996.- Република Македонија и Република Таџикистан воспоставија дипломатски односи.

*4 јануари 1998.- Во Куманово и во Прилеп, во непосредна близина на зградите на Управата за внатрешни работи, експлодираа експлозивини направи.

*4 јануари 2012.- На 79-годишна возраст умре Хисен Рамадани, поранешен пратеник во Собранието на Република Македонија. Рамадани дипломирал на Високата школа за политички науки во Белград. Се занимавал со просветна дејност. Во својата политичка кариера бил пратеник во Собранието на СРМ и на СФРЈ, како и потпретседател на Извршниот совет на СРМ. По осамостојувањето на Македонија бил член на Демократскиот сојуз на Албанците и во два мандата пратеник во Собранието на Република Македонија.

* 4 јануари 2020г. во приватната гинеколошко-акушерска болница „Плодност“ во Битола, се породи првото бебе во вода, метода која за прв пат се применува во било која болница во Македонија.Мајката е од Битола, ова е нејзино прво дете и на свет донесе женско дете.

Претходниот артикал,БАДНИКОВО ГРАНЧЕ
Следната статијаИБНИ ПАЈКО

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука