Играта ,,Ложана”

0
231

Извадок од Монографијата за Населба Илинден .
Текстот и за оваа игра„ЛОЖАНА“, игра од подалечнното минато е направен според кажувањата на:(Симо Ангеловски-75г.),Драган Насковски-72г.,Трипун Велковски-80г. и други.
Симулација на играта на прилог сликата ја изведоа:Антонио Стојмановски,Андреј Стојмановски,Мартин Јорданов,Иван Јорданов ,Драган Стефков,Милан Велковски.
Ложана била друга детска игра во која повторно со стапови се одбележувало и означувало стартното место на играта. Притоа, на неколку метра одалеченост и спротивно од правецот на движење на стапот што се фрла, се поставува легнат стап на земја. Играта имала неколку етапи. Првата етапа од играта започнувала тогаш кога играчот што ја започнувал играта, едниот крај од стапот го поставувал со врвот на прстите на едната нога, а другиот крај го задржувал со едната рака и полека го спуштал до ногата, со која, требало да го исфрли стапот кон веќе поставениот и легнат од претходно друг стап. Целта била фрлениот стап да со голема брзина пролизга врз легнатиот стап и отиде што подалеку. Таму до кадешто ќе застанел фрлениот стап, веднаш од своето место се преместувал легнатиот стап подготвен за наредното фрлање.
Втората етапа од играта била кога стапот се фрлал со ниско спуштена рака во висина на колковите. Притоа, фрлениот стап требало да го погоди и да пролизга врз легнатиот стап. На местото кај што ќе запрел фрлениот стап, се поставувал легнатиот стап на земја по што започнувало подготовката за повторното фрлање на стапот. Оваа постапка се повторувала континуирано за секое наредно фрлање.
Во третата етапа од играта, играчот требало да го фрли стапот на ист начин како да фрла копје и притоа да го погоди легнатиот стап. На местото каде ќе застанел фрлениот стап веднаш се поставувал легнатиот стап. Потоа, постапката се повторувала за секое ново наредно фрлање.
Во четвртата и послената етапа од играта, играчот го фаќал стапот за едниот крај и со рака подигната во висина на главата, го фрлал стапот кон другиот легнат стап. Целта била да се погоди легнатиот стап. Растојанието од местото кај што ќе застанел фрлениот стап се мерело со должината на стапот. Победник била онаа екипа чиј стап, пролизгувајќи се над поставениот стап на земјата, отишол и застанал најдалеку од стартната позција, односно од местото од каде што бил фрлен. Стаповите на победничката екипа стоеле на местата каде што застанале во текот на играта. Потоа, победниците, откако ќе им ги врзеле очите, ги јавнувале победените, и ги терале, со заврзани очи, да ги пронајдат и земат стаповите на победниците. Победените биле јавани се додека не ги пронајдат и земат сите стапови на победниците.

Претходниот артикал,Играта ,,Зајкуре”
Следната статијаИграта ,,Трљај уши”

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука