,,ВЕЛИГДЕНСКИ КУЛИ“

0
690

Оваа фолклорна изведба на прв поглед кога ќе се види најпрво на  мнозина им доаѓа  на памет дека таа е игра која се изведува во Црна Гора или некаде во Босна.

Малку е познато дека таа игра се игра и кај нас во  Македонија и тоа уште од турско време,играта започнала да се изведува во Македонски Брод .  

Обредот Велигденски кули претставува заштитено културно нематеријално добро, кое датира уште од времето на Османлиската империја и се изведува единствено во Македонски Брод, на вториот ден од големиот христијански празник Велигден. Изведувањето на овој обичај е поделен на неколку етапи.Првата етапа ја сочинува обичајот Покрсти, кој започнува со литургија во блиската црква, при што се формира обредна поворка на чело со свештеникот позади кого доброволните верници носат религиски обележја и икони, така обредната поворка го заобиколува целиот бродски атар на сите четири страни. Веднаш по тргнувањето на покрстите се излегува по ридот до местото Топола каде што се врши првото заклинување. Симболиката на овој обичај го опишува трнливиот пат на Исус Христос и се верува дека на пролет кога ќе оживее дрвото, на тој начин се раѓа нов живот а со тоа се поврзува и Христовото воскресение.На враќање од Покрсти, се одвива втората етапа преку таканаречениот обичај Каленчица. Во изведувањето на овој обичај учествуваат девојчиња облечени во народна носија кои формираат шпалир (редици на луѓе од двете страни на пат) и сите оние кои сакаат да бидат дел од Велигденските кули (без разлика дали ќе земат активно учество) да поминат под тој шпалир, додека пак најхрабрите момчиња кои веќе поминале под него веќе почнуваат да ги формираат кулите.Кулите се состојат од два реда на луѓе од кои во секој ред има по петмина учесници. Пет момчиња од долниот дел се фаќаат рамо за рамо и врз нивните рамена стапнуваат уште пет други момчиња кои исто така се држат рамо за рамо, кои го формираат горниот дел на кулата. Кулите исто така мора да бидат пет на број, симболизирајќи го петвековното османлиско ропство кое владеело во нашата земја.Долниот дел од кулата ги симболизира поробителите – Османлиите, додека пак горниот дел ги претставува македонските христијани кои носени од помислата дека ќе дојде денот кога буквално ќе стапнат врз вратот на непријателот ( поробителот) и гордо издигнувајќи се, јасно ѝм покажуваат на сите присутни дека ќе светне сонцето на слободата. Додека кулите го изминуваат патот од пред градската црква до местото на поранешното сретсело, треба да внимаваат да не паднат, затоа што постоело верување доколку некои од членовите дозволат да се распадне кулата, ќе ги следи несреќна година.

Претходниот артикал,Генерација на завршени осмооделенци,1959 г.
Следната статија

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука