Како настанала песната „БЛАГУЊО ДЕЈЧЕ ПОЖАРАНЧЕ“
Благуња Бошњаковска Пожаранка, една од најубавите тетовки од тоа време. Нејзините убавина и неостварена љубов со Аце Абаџијата е опеана во песната „Благуњо дејче пожаранче“.
Благуња била родум од гостиварското село Пожаране и била трето дете на Никола Ѓолов, поранешен печалбар во Влашко.
„Благуња била родена на 11 април 1889 и била најмалото дете на Ѓолови. Набрзо, и таа станала убава и стројна мома. Се загледувале во неа беќарите од Пожаране, но и Турците кои доаѓале во селото, а тоа многу го загрижувало татко ѝ Никола. Братот Александар, кој тогаш бил дипломат во Франција, му пратил писмо, во кое го посоветувал да ја заштити Благуња, бидејќи постоела опасност поради нејзината убавина да биде грабната од Турците.
Благуња се преселила во Тетово, набрзо низ градот се раширила веста дека „од некое село гостијарско дошло некое дејче многу убоо“. Благуња брзо ги прифатила градските манири, почнала да се дружи со Трпана Јаковчева и Епса Димушева, исто така познати тетовски убавици од тоа време, за кои ќе бидат испеани најубавите тетовски народни песни.
„На десната страна од реката Пена, во еден абаџиски дуќан, работел калфата Аце, висок, строен, со преубаво лице, во кој многу се загледувале тетовските моми. Прикажувањето на чираците дека во градот дошло некое многу убаво девојче од Пожаране предизвикало љубопитност кај Аце да ја види Благуња. Една недела, на службата во црквата Св. Богородица дошла и Благуња. Кога ја видел, Аце се штрекнал, била многу, многу поубава отколку што си ја замислувал. Не можел очи да оттргне од неа.
Еден ден с решил да ѝ пратил стројници, но, одговорот на татко ѝ Никола бил негативен. Всушност, Никола, кој во тоа време важел за еден од побогатите луѓе, не сакал да ја даде својата миленичка за некој сиромав абаџија“, продолжува да раскажува Кочоски.
По ова, Аце целосно се променил. Другарите ја виделе неговата болка, па ја создале и пеале песна,песна посветена на Благуња , со која го задевале, а навечер ја пееле под прозорецот на Благуња.
Така настанала песнатаа „Благуно дејче пожаранче“,песна без која не поминува ниедна веселба и денес вo Македонија.








































