Солунска Глава
Ако сте љубители на планината, планинарството и алпинизмот, ви го препорачуваме врвот Солунска Глава. Искачувањето започнува на надморска височина од 1435 метри од планинарскиот дом Чеплес и трае 2-3 часа. Во непосредна близина на домот е висока букова шума. Околу домот е широко отворен простор, тревнат и обраснат со папрат. Најдобар пристап до домот има преку Богомила. Од Богомила со автомобил се патува до блиските села Нежилово или Папрадиште, а оттаму има час и половина пешачење до домот. Ако сте добро подготвени можете да тргнете пеш од Богомила, патот ќе трае 4 часа. Патеките се секаде маркирани и добро одржувани. Со вистинско планинарење стигнувате до еден од највисоките врвови во Македонија, Солунска Глава на 2540 метри на планината Јакупица. Велат ако се качите на Солунска Глава и времето е чисто и ведро можете да го видите и Солун. Под Солунска Глава се наоѓа најголемиот пештерски систем кај нас. Домашни и странски спелеолози досега откриле и мапирале 2,5 километри од пештерскиот систем што е само почеток на пештера која по својата уникатност веројатно ќе се вбројува во најубавите во Европа..
https://makpress.mk/








































