НА ДЕНЕШЕН ДЕН -14 АВГУСТ
*14 август 1868 годин во с. Богомола, Велешко,роден е Петар Поп Арсов. И тој бил меѓу исклучените ученици од Солунската егзархиска гимназија, кои се префрлиле во Белград, но оттаму, како и Даме Груев, се вратил назад и студирал во Софија каде дипломирал филологија на Софискиот универзитет. Во 1893 година, како професор во Солун, учествувал во создавањето на МРО и станал член на нејзиниот прв ЦК. Тој бил задолжен да го состави и првиот Устав на Организацијата. За време на Виничката афера, П.П.Арсов бил уапсен и одведен на петгодишно заточение во Подрум-Кале (Мала Азија). Во периодот по Илинденското востание и припаѓал на т.н. левица. Бил еден од тројцата задгранични претставници избрани на Рилскиот конгрес на ВМОРО, во 1905 година. За време на Хуриетот живеел и работел во Скопје.По Првата светска војна тој живеел во Бугарија и работи како прогимназиски професор во с. Костенец а публикувал и повеќе прилози. Петар Поп Арсов умрел на 1 јануари 1941 година во Софија.
*14 август 1903 година, настаните од Илинденското востание влегоа во британскиот парламент . Имено либералниот пратеник Т. Р. О’Конор (од Ливерпул, Шкотска), говорејќи за востанието во Македонија вели:

„ …Се работи за македонското прашање, а причината за неговото повторно актуелизирање денес лежи во акутноста на состојбата, во проширувањето на востанието; во него 20.000 востаници се под оружје, додека, од друга страна, турските власти им разделија оружје на муслиманите, што може да заврши со масакр и со тоа стана јасно дека се приближува кризата. Од сите сили одговорни за сегашнава состојба во Македонија, најтешка одговорност паѓа врз британската влада… Говорот на Претседателот на Владата (А. Џ. Балфур) по ова прашање покажа големо неразбирање за ситуацијата и неговата изјава дека „Историската вистина бара од нас да речеме дека балансот на криминалитетот паѓа повеќе врз револуционерните чети отколку на турската Влада“, беше најнесреќна. Дописникот на „Дејли Њус“ (Џ. Макдоналд) рече дека Турците направиле од Македонија „Пекол на земјата“, а дописникот на „Тајмс“ (Џ. Баучер), коментирајќи го говорот на Претседателот на Владата рече дека тој подолго време се занимава со испитување на насилствата на христијаните над Турците и нашол само еден случај, и дека согласно со овој извештај на дописникот тоа беше многу сомнително. Дописникот на „Тајмс“ исто така го приведува мислењето дека ова востание е предизвикано однадвор, и рече дека тој три месеци се обидувал да го утврди овој факт и во тоа не успеал…

*14. август 1914 година роден е Стерју Спасе –писател и критичар од македонско потекло. Автор е на проза и раскази, романи, учебници и репортажни записи. Но тој е значаен и како собирач на македонски народни умотворби, со една збирка песни што ги запишал од неговата сопруга, Николина Спасе. Запишувачот песните ги превел на албански јазик за да ги доближи до читателите во Албанија.Стерјо Спасе е роден на 14 август 1914 година, во село Глобочани, Мала Преспа. Основно училиште завршил во родното место и во Глобочани, Мала Преспа. Образованието го продолжил во Корча и во Елбасан, каде завршува Педагошка гимназија. Работи како учител во Дервичане, село во округот на Ѓирокастро а подоцна предава во Москополе, Корча и Тирана. Починал на 12. XI 1989

*14 август 1919.- Во Скопје е роден Раде Јовчевски Корчагин, македонски народен херој. Загина во Скопје, во судирот со бугарските агенти и со полицијата, на 20 февруари 1943 година

*14 август 1900.- Во селото Герман, Леринско, Егејска Македонија, е роден Богоја Фотев, првоборец и носител на „Партизанска споменица 1941“, беше учесник на Првото заседание на АСНОМ, и прв повереник за финансии, а потоа и за земјоделство во Владата на НР Македонија. Од 1947 до 1950 година беше претседател на Президиумот на Народното собрание на НР Македонија. Тој беше борец за идеите на ВМРО (обединета), активен револуционер и толкувач на идеите на движењето МАНАПО. Умре во селото Бистрица, на 27 јануари 1993 година

*14 авгусст 1909.- Во Солун беше извршен втор неуспешен обид за убиство на македонскиот револуционер Јане Сандански и на неговите другари Стојко Хаџиев, Анастас Митрев и Иван Манолев

*14 август 1915.- Во селото Никифорово, Гостиварско, е роден Видое Смилевски – Бато, народен херој на Македонија, истакнат револуционер и општествено-политички работник. Умре во Скопје, на 8 септември 1979 година

*14 август 1917.- Во Прилеп е роден Сотир Гулевски, македонски писател и литературен преведувач. Литературниот опус му е во знакот на прозата. Автор е на романите „Меѓа“, „Прекршен р’бет“, „Кога карпите р’тат“, „Модро млеко“, на театрологијата „Фурии“, на книгата со раскази „Висорамнина на ровјите“ и на други дела. Умре во Скопје, на 20 јули 1985 година

*14 август 2009 година Томе Стефановски го преплива каналот Ла Манш за време од 7 часа 42 минути и 32 секунди .По Нико Нестор и Атина Бојаџи тој е третиот македонец што го препливал каналот.