НА ДЕНЕШЕН ДЕН-2 јули

0
267

*2 јули 1997.- При посетата на Република Турција на тричлената делегација на Армијата на Република Македонија, составена од полковниците Гоце Илиевски и Ѓорѓи Ѓуровски, како и мајорот Ванче Стојчев, во Истанбул, во Воениот музеј, мајорот Ванчо Стојчев го пронајде и го фотографира легендарното Црешово топче што македонските востаници го користеле во времето на Илинденското востание (1903 г.). На 25 јули е донесено во Република Македонија на привремено (три месеци) чување по повод 100-годишнината од Илинденското востание.

*2 Јули 1887 – Свештеникот Спасе Игуменов од Прилеп со неговите приврзаници во името на 1,200 семејства потпишале Изјава со следнава содржина: Ние долупотпишаните од градот Прилеп, поданици на Неговото Императорство и Величество, августејшиот султан Абдул Хамид ||-ри, сакаме да имаме македонско народно училиште. Бидејќи ние не сме родум Бугари, затоа не познаваме ни Бугарска (Црковна) Општина и нивните училишта. За религиозна заштита го познаваме папата, но без измена на догмите на православната црква. Изјавата, со потписи на 26 угледни граѓани на Прилеп, каде што првопотпишан бил свештеникот Спасе Игуменов, била потврдена со два печата на месни првенци и била упатена до врховната власт во државата. Прифаќањето на Унијата било само декларативно, тоа било само начин да се заштити самостојниот духовен и општествен живот на граѓаните од посегањата на Бугарската егзархија и Грчката патријаршија, но и европската заштита пред османлиската власт. Во контекст на ова било и барањето за основање нова независна општина во градот Прилеп под името Македонско православно општество.

* 2 jули 1879. – Роден е Тодор Паница, деец на ВМОРО. Од раните младешки години се вклучил во македонското револуционерно движење. Учесник бил во илинденското востание. Соработувал со јане Сандански, по чија наредба ги извршил убиствата на Гарванов и Сарафов. Бил учесник во балканските и во Првата светска војна, а учествувал и во изработката на познатиот Мајски манифест. Бил соработмник на НКВД. Бил убиен од М. Карничова, во виенскиот Бургтеатар во 1925 години.

* 2 јули, 1839 година, познатиот ботаничар Август Гризебах, на падините на Пелистер ја открил моликата, ја класифицирал како специфичен растителен вид, карактеристичен за Балканот, најкомпактно застапен на Пелистер

*2 јули 1911.- Во Битола е роден Михаил Петрушевски, македонски академик, филолог, еден од основачите на Филозофскиот факултет во Скопје, на кој беше вонреден и редовен професор, како и прв декан на истиот, а подоцна и ректор на скопскиот Универзитет. Има објавено над 200 научни трудови од областа на класичната филологија. За македонската култура од особено значење е неговата преведувачка дејност на „Илијада“ од Хомер, „Скендер Беј“ и „Сердарот“ од Григор Прличев и на други дела. Умре во Скопје, на 27 февруари 1990 година.

*2 јули 1948.- Со помош на западните сили, грчките владини трупи ја почнаа офанзивата против прокомунистичката Демократска армија на Грција (ДАГ), со што граѓанската војна влезе во завршна фаза

.* 2 јули  1949.- Во Москва умрел Георги Димитров, еден од најголемите водачи на бугарското и на меѓународното работничко движење. Роден бил во селото Ковачица, кај Перник, на 18 јуни 1882 година.

*2 јули 1974.- Во Скопје умре д-р Димитар Арсов, македонски академик, лекар-интернист, еден од основачите на Клиниката за внатрешни болести во Скопје. Тој даде особен стручен и научен придонес во областа на ревматологијата. Роден е во Крива Паланка, на 28 ноември 1908 година.

*2 јули 1989.- Во Скопје умре проф. Христо Стамболиев, еден од основачите на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје и негов прв декан. Особено значење има во развојот на научната мисла во неорганската хемија, аналитичката хемија и технологијата на силикатите. Има објавено многубројни трудови презентирани во еминентни списанија во земјата и во странство. Роден е во Струмица, на 13 јануари 1920 година.

*2 јули 1994.- Во Скопје умре Љубен Ташковски, македонски поет. Негова прва објавена книга е „Катерина“ (позија, 1958 година). Други негови познати дела се „Илинден“, „Калинка“, „Од Скопје до Чикаго, од Њујорк до Сантјаго“ и други. Роден е во Струмица, на 4 јануари 1931 година.

 *2 јули 2009 Шарл Азнавур беше гостин на “Пивара” Скопје, каде што му беше предадено јубилејно пиво. Поводот е што и Азнавур и брендот “Скопско” одбележуваат 85 години. Шарл Азнавур тогаш во Античкиот театар во Охрид го затвори вториот Фестивал на францускиот филм, каде му беше врачена Златна маска за животно дело.

Претходниот артикал,Анастасија Величковска – Ракометар
Следната статијаСв. Наум Охридски – Чудотворец

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука