*23 декември 1906.- На врвот Петлец, кај селото Русиново, Беровско, во борба против османлиската војска загина Дамјан Јованов – Даме, (ДАМЕ ГРУЕВ)учител, еден од основачите на ВМРО во Солун, во 1893 година, истакнат организатор и раководител на националноослободителното движење на македонскиот народ на крајот на 19. и почетокот на 20. век. Потекнува од ѕидарско-печалбарско семејство. Се школуваше во родното место – селото Смилево, Демирхисарско, а потоа во Солунската машка гимназија. Од 1891 до 1893 година беше учител во селото Смилево и во Прилеп. Од летото 1894 година почна да ги формира првите револуционерни комитети на македонската револуционерна организација во повеќе градови и села во Македонија.
Беше учител во Штип и инспектор во Солунско, а потоа и гимназиски наставник во Битола и раководител на Битолскиот револуционерен округ. Во август 1900 година беше уапсен и затворен во битолскиот затвор, а од мај 1902 година беше заточен во Подрум Кале, во Мала Азија. Беше претседател на Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ на ТМОРО од 2 до 7 мај 1903 година, на кој беше избран за член на Главниот штаб на востаниците на претстојното Илинденско востание, во кое активно учествуваше. По неуспехот на востанието ја продолжи својата револуцинерна дејност. Во 1904 година претседаваше на Прилепскиот подвижен конгрес, а извесно време беше и претседател на Окружниот комитет на Скопскиот револуционерен округ и на Рилскиот конгрес, во октомври 1905 година. Роден е на 19 јануари 1871 година. (Според-Македонска Нација)
*23 декември 1906 година,загина АЛЕКСАНДАР – САНДО КИТАНОВ, е македонски војвода роден 1881 година во селото Лешко, Горна Џумаја (денес Благоевград), Пиринска Македонија.во битка со турскиот аскер, заедно со Даме Груев и уште двајца комити загинува на врвот Петлец, во близината на селото Русиново, Беровско.Сандо Китанов до крај остана верен на македонските идеали, и непоколеблив следбеник на делото на Сандански, Гоце Делчев и Даме Груев.
*23 декември 1902.- Во Велес, во близина на училиштето „Св. Ѓорѓи“, во борба против турската патрола (откако претходно беше поткажан), за да не падне жив во рацете на непријателот се самоуби Миле Поп Јорданов, македонски револуционер и учител. Македонскиот народ го овековечи со песната „Бог да го прости Миле Поп Јорданов, кој загина за народот и за Македонија“. Роден е во Велес, во 1878 година.
23 декември 1924.- Во Милано, од агентите на бугарскиот двор – врховистите, е убиен Петар Чаулев, македонски револуционер, еден од потписниците на Мајскиот манифест на ЦК на ВМРО потпишан на 6 мај 1924 година, во кој е прокламирана борбата за ослободување и обединување на сите делови на Македонија во независна политичка единица во рамките на една балканска федерација. Својата револуционерна дејност ја започна уште пред Илинденското востание и беше учесник во истото, како војвода во Крушевско и во Охридско. Манифестот е отпечатен во Скопје, 1948 година. Роден е во Охрид, во 1881 година.
*23 декември 1944.- Во Скопје излезе првиот број на весникот “Бирлик” на турски јазик, како орган на НОФ на Македонија.
*23 декември 1990.- Повеќето од Словенците на референдум се изјаснија за отцепување од Југославија.
*23 декември 1991.- Во Скопје е регистрирано здружението Млади европски федералисти на Македонија, со седиште во Скопје. За претседател е избран Нано Ружин.
*23 декември 1993.- Официјално е отворена Амбасадата на Велика Британија во Република Македонија. За амбасадор, е наименуван Тони Милсон.
*23 декември 1994.- Република Македонија и Република Австрија воспотавија дипоматски односи.
*23 декември 1994.- Во Скопје е формирана Асоцијацијата на туристичките агенции на Македонија.
*23 декември 2013.- На 95-годишна возраст почина Михаил Калашников, изумителот на легендарнaтa автоматска пушка „АК-47 Калашников. Легендарниот конструктор на оружје е роден на 10 ноември 1919 година во Алтај. Во 1947 година тој го конструира автоматското стрелачко оружје, што во перформансите остана ненадминато веќе над половина век. – Јас ќе бидам првиот кој ќе му стисне раката на оној кој ќе направи подобар автомат, рече тој пред повеќе од 30 години. Автоматот „Калашников“ е во употреба во над 100 држави во светот.
*23 декември 2013.- Умре музичарoт Ацо Богдановски (1960), познат како Ацо Конга. Првата група во која членувал Конга е „Макакус“ (1979) кога почнува да удира на конги. Беше дел од бендот „Нокаут“ формиран во 1997 година, на два албумa „Нокаут“ (1997) и „До последен здив“ (2001) каде се големите хитови „АБЦ“, „Фатална опсесија“, „Временска машина“, „Би се викал те сакам“, „Телефонскиот број не постои“, „Илјада причини за крај“…