* 24 ноември 1925г. во Скопје била отворена првата женскa гимназија. Директор бил г. Докчевиќ.Според статистиката правена во 30-тите год., во Женската гимназија две третини од ученичките биле од фамилии истакнати по имотност и образование. .Најголем број ученички биле со православна вероисповед, потоа следеле мојсиевци, а на последно место биле муслиманите. Во 1934 год. се изградила нова зграда на Женската гимназија, истата е срушена за време на земјотресот ,денес на нејзино место се наоѓа зградата на Владата на РМ..

* 24 ноември 1919 г во с.Ореовец –прилепско родена е Вера Ацева ,учесник во НОБ,народен херој на Југославија. . Во август 1944 година учествува на Првото заседание на АСНОМ. По ослободувањето била член на Владата на НРМ, член на Сојузниот извршен совет, пратеник во повеќе свикувања на Собранието на НРМ и на СФРЈ. Во 1948 Вера Ацева била градоначалник на Град Скопје. Во 1960 година Ацева доаѓа во судир со тогашниот секретар на Сојузот на комунистите на Македонија, Лазар Колишевски, обвинувајќи го дека заедно со Видое Смилевски – Бато донесувал одлуки надвор од Извршниот комитет на СКМ. На седницата од 18 октомври 1960 од Белград дошол Александар Ранковиќ, кој застанал на страната на Колишевски. Ацева е принудена да се повлече и е преместена на работа во Белград.Почина во Скопје на 10 ноември 2006 годинa.

* 24 ноември 1944.- Во ослободеното Скопје, само десетина дена откако стивнаа последните улични борби, основан е првиот симфониски оркестар на денешната Македонска филхармонија. Имено во домот на Тодор Скаловски група музички вљубеници, од кои некои се уште беа во партизански униформи, го формираа симфонискиот оркестар. На таа средба присуствуваа Васил Ѓаконов-Шпато, Тодор Календаров, Петар Трајков, Стефан Кралев, Александар Шалев, Фрањо Млчок, Херман Зип, Петар Симоновиќ и Душан Парлиќ.

* 24 ноември 1985.- Во Скопје умре Љубен Лапе, редовен член на МАНУ и редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Македонската научна и културна мисла загуби еден од нејзините двигатели и основоположници на македонската историографија и архивистика. Тој е еден од основачите на Филозофскиот факултет во Скопје и пионер на просветата во Македонија. Обемното дело на академикот Љубен Лапе го сочинуваат околу 200 научни трудови. Роден е во Прилеп, на 11 октомври 1910 година.
*24 ноември 1986.- Заврши последниот дел на електрификацијата на пругата Скопје – Гевгелија со должина на електричната мрежа од 220 км. Електрификацијата почна на 5 јануари 1981 година.
* 24 ноември 1989.- Умре Благоја Нешковски, истакнат македонски режисер и писател. Најголемиот дел од својот живот го помина во Австралија, каде што работеше и на меѓународната афирмација на националната самобитност на македонскиот народ. Роден е во селото Оптичари, Битолско, во 1964 година.
* 24 ноември 1989.- Во Скопје умре Александар Думов, доајен на Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица и еден од основоположниците на театарската култура во Македонија. Како артист и режисер има работено и во театрите во Велес, во Битола и во Штип. Роден е во Струмица, на 25 февруари 1923 година.
* 24 ноември 1992.- Во Скопје, во издание на „Интернационал“, излезе првиот број на независниот економски неделен весник во Република Македонија „Бизнис“. Првиот (пилот) број излезе на 5 ноември 1992 година.
* 24 ноември 1994.- Во Скопје е отворена Амбасадата на Руската Федерација.
* 24 ноември 2000.- Во Загреб, Република Македонија ја парафира Спогодбата за стабилизација и асоцијација на Република Македонија се земјите од Европската унија.
* 24 ноември 2000.- Во Скопје, на седницата на Извршната канцеларија на Демократска алтернатива, е донесена одлука оваа партија да ја напушти власта и „Коалицијата за промени“.