НА ДЕНЕШЕН ДЕН -28 АВГУСТ

0
203

НА ДЕНЕШЕН ДЕН -28 АВГУСТ

* 28 август 1963  Се одигра првиот меч после земјотресот во Скопје меѓу Вардар и Динамо од Загреб 1:1.  , судеше Ладо Јакше, меѓународен фудбалски судија од Љубљана.

ВЕЛОСИПЕДОТ КАКО ГЛАВНО ПРЕВОЗНО СРЕДСТВО,ЕВЕ КАКО ИЗГЛЕДАШЕ ТОГАШ ПРЕД СТАДИОНОТ

Натпреварот се одигра пред повеќе од 20.000 гледачи.

Радио пренос од натпреварот вршеше тогаш и сеуште ненадминатиот Ивко Панговски

  Инаку играчите на терен излегоа со траорни ленти и повеќе се слушаше плачење бидејќи недостасуваа многумина што загинаа, а меѓу нив беше и еден стар техничар од Радио Скопје кој загина откако се врати да и земе играчка на ќерката. Динамо го сместија во хотел во Куманово, а Вардар во Тетово“.(Фотографија,ФК Вардар-еден живот,една љубов)

* 28 август 1903 година, Турската власт затворила 112 селани од селата  од околината на Скопје, обвинети дека подготвувале востание и опрема на две чети за испраќање на помош во Битолскиот вилает.

*28 август 1903.- Селото Смилево, Демирхисарско, беше нападнато од многубројна турска војска. Со одбраната на Смилево раководеше Даме Груев, голем македонски револуционер. По жестоката борба турската војска навлезе во селото, го запали и изврши масакрирање на 250 жени и деца во месноста Голем Гар, на Бигла Планина

*28 август 1917.- Во Прилеп е роден Сотир Гулески, македонски писател и книжевен преведувач. Автор е на романите „Меѓа“, „Прекшен `рбет“, „Кога карпите `ртат“, „Модро млеко“, „Им се суди на дивите ветрови“, на тетралогијата „Фурии“ и на други дела. Умре во Охрид, на 20 јуни 1985 година.

*28 август 1929.- Рударите од рудникот Лојане, Кумановско, стапија во штрајк. Поради тоа овој ден е прогласен за Ден на рударите на Македонија.

*28 август 1930.- Во Гевгелија е роден Георги Старделов, македонски естетичар, филозоф, книжевен критичар, есеист, академик. Дипломирал философија на Филозофскиот факултет во Белград. Доктор по филозофски науки станал во 1965 година. Бил професор на Филозофскиот факултет во Скопје, претседател на Друштвото на писателите на Македонија и претседател на Македонскиот ПЕН центар.  За член на МАНУ бил избран во 1986 година. Во периодот од 2000 до 2004 година бил потпретседател на МАНУ, а од 2009 нејзин потпретседател и раководител на Лексикографскиот центар, за од 1 јануари 2008 година да стане претседател на МАНУ. Во МАНУ, од 1993 година раководел со макропроектот „Историја на културата на Македонија“ од кој во негова редакција биле издадени 20 тома.Носител е на врвни македонски и меѓународни книжевни и државни награди и признанија.

*28 август 1943 година, Вториот кичевски ПО во селото Душегубица (наречено Душогубица) одржал голем митинг, а НОО го извршило првото јавно судење на слободна територија на Македонија на службениците од окупаторската општина од село Извор.

Спомен плоча поставена во црковниот двор на „Св. Богородица“, заедничката црква на Горна и Долна Душегубица.

*28 август 1944.- Во борбата за ослободување на селото Здуње, кај Македонски Брод, во една јуришна борба против бугарската војска како командант на Петтата македонска бригада загина Илија Игески – Цветан, народен херој на Југославија, од Македонија. Роден е во селото Топлица, Прилепско, во 1920 година.

*28 август 1944 година ,во село Морани, Скопско, е убиен Томе Димитровски-Томаќи, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Роден бил во Битола на 1 септември 1922 г.  Во септември 1943 г. станал член на првиот Народноослободителен комитет (НОК) во Битола, кој всушност бил првиот орган на новата македонска власт во градот. Бил откриен и уапсен од бугарската окупаторска полиција, а потоа бил осуден на доживотен затвор. Казната ја издржувал во затворот во Идризово, Скопско. По бегството на политичките затвореници од затворот во август 1944 г. станал борец во Третата македонска бригада. Загинал во борбите на оваа единица со бугарските војски.

*28 август 1968.- Во Струга умре Антон Панов, македонски писател, еден од најпознатите македонски драмски автори. Најпознато негово дело е драмата “Печалбари”, објавена во 1936 година. Други негови познати дела се драмите “Вероника”, “Препородени”, “Самракот”,

* 28 август 1977 роден е  Тодор Гечевски — македонски кошаркар.

*28 август 1991.- Во Скопје, во издание на НИП “Нова Македонија”, излезе првиот број на неделниот спортски магазин “Скок”.

*28 август 1992.- Започнале натпреварите на Првата македонска фудбалска лига.

*28 август 1993.- Во близина на селото Подвис, Кичевско, е откриена спомен-плоча на прославените војводи од Илинденската епопеја, Наќе и Арсо, а во кругот на црквата во селото Кладник, е откриена спомен-плоча на масовната гробница на 18 македонски востаници

*28 август 1996.- Во Битола, на празникот Успение на Света Богородица, проработи првото црковно радио на подрачјето на Преспанско-пелагониската епархија.

*28 август 1999.- Во сообраќајна несреќа загина македонскиот министер Радомир Стојковски заедо со неговата сопруга, ќерка и возачот, по што норвешките војници во возилото на меѓународните сили одбија да направат алкохол-тест во крвта. Поручникот кој ја предизвика несреќата, во Осло во март 2000 година е осуден на една година затвор.

*28 Август 2002 – На врвот Крстовар на Водно кај Скопје, на надморска височина од 1,066 метри, беше откриен и осветен споменик во форма на крст (Милениумски крст), изграден според проектот на архитектите Оливер Петроски и Јован Стефановски. Споменикот е висок 76 метри и е комбиниран со 10 метри бетонска платформа и 66 метри метален крст со златно-жолта боја. Крстот има краци долги по 20 метри. Камен-темелникот беше поставен на 27.9.2000 година (Крстовден), по повод одбележувањето на 2,000-годишнината од Христовото раѓање.

Претходниот артикал,Утре 28 август Плаштеницата на мајката божја во Св.Контантин и Елена -населба Илинден
Следната статијаНа денешен ден-29 август

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука