*26 мај, 1903 година – Детален извештај во весникот “Њујорк Тајмс” за смртта на Делчев познатиот македонски војвода. Извештаите покажуваат дека Делчев бил придружуван од четата и војводата Кирчовски, заедно со поетот Таворов кога влегле во селото Баница во близина на Серез, а за неговото присуство во селото Турците разбрале од грчки шпион.

*26 мај 1905.- Во Велес е роден Стеван Гајдов, македонски композитор и музички педагог, еден од организаторите на музичкиот живот во Македонија по 1945 година. Заслужен е за ширењето на хорскиот аматеризам. Како композитор е познат по обработката и стилизацијата на народните песни ( “Леле Јано”, “Гора и јунак”, ” Ти синче”, “Петлите пеат” и други) по творбите “Гудачки квартет во це-мол”, “Кончертино” и други. Автор е на петнаесетина учебници за средно образование. Умре во Охрид, на 17 јуни 1992 година

*26 мај 1986.- Во Скопје умре Јордан Грабуловски, академски скулптор, еден од најистакнатите македонски уметници, познат по своите дела не само во земјата туку и во странство. Неговите уметнички реализации, проткаени со мотиви од социјална тематика, тематиката од НОВ и тематиката од повоената изградба, се траен белег и потврда на неговиот творечки потенцијал. Од своите многубројни дела, својата грандиозност, убавина и посетеност, посебно место зазема Споменикот посветен на Народноослободителната борба и Илинденското востание во Крушево, свечено откриен на 2 август 1974 година. Роден е во Прилеп, на 19 март 1925 година
*26 мај 1994.- Весникот на албански јазик “Флака е влазеримит” почна да излегува како дневен весник.

*26 мај 2011.- Почина пензионираниот актер на Драмскиот театар во Скопје, Самоил Дуковски. Дуковски е роден во 1929 година во Галичник. Завршил Средна државна театарска школа во 1950 година, а со професионална актерска дејност се занимава од 1955 година. Првите неколку години од својата кариера ги помина на сцената на Македонскиот народен театар, а позначајни улоги оствари во делата на Молиер, Иљоски, Ретиген и други. Во Драмскиот театар настапува од 1959 година. Дуковски интензивно играше на сите три сцени и во својата актерска кариера одигра над 85 улоги. Тој се занимаваше и со пишување драмски текстови, а некои од нив беа изведени на театарските сцени. Добитник е на повеќе признанија меѓу кои Медал за заслуги за народ во 1947 година, Плакета на Gрад Скопје во 1969 година и Плакета на Сојузот на синдикатите на општинските дејности во 1975 година.










































