Свето Благовештение е празник на Пресвета Богородица, но некои го сметаат и за празник Господов.

Благовец е денот на мајките, затоа што Богомајката Богородица е заштитничка на сите мајки кои зачнале и станале мајки. Тоа е ден на мајката која дала нов живот. Тогаш децата и благодарат на мајката, ја гушкаат и и даваат дарови во знак на љубов, почит и внимание. Мајките, пак, ги благословуваат децата и тие да имаат свои рожби и радости.

Се смета за тежок празник поради што тогаш не се работи. Некои дури го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благовец, прв ден Велигден“.
Именден
Именден празнуваат: Благој, Блаже, Блажо, Благин, Благомил, Благомир, Благовестин, Благун, Евангел, Вангел, Блага, Благица, Благана, Блажена, Благојка, Благуња, Благодатка, Благовеста, Бонка, Вангелија, Евангелица и др.
Датум на празникот
Празникот Благовец е секогаш на 7 април (односно 25 март, по стар стил). Датумот не го менува и е од групата на постојаните празници.
Постојат две причини за поврзувањето на Благовец со овој датум: Првата е поврзаноста со Божик, а втората, со создавањето на човекот.
Така што првото нешто што треба да го направите тоа утро – бакнете ја мајка ви!
На овој ден се покажува особена сострадалност и помош кон сирачињата, кон бедните и кон унесреќените.
Оние кои сакаат да имаат деца да одат во црквите и манастирите, кај иконите посветени на Благовештение и да се помолат.
Според народните верувања овој ден е благ, па и раната не боли, па затоа на малите деца им ги дупат ушите за обетки. Се верувало дека Благовештение жените не треба да се чешлаат.
Постои верување дека засаденото цвеќе на Благовец, ќе биде особено миризливо и убаво. Тогаш се засадуваат и леите со расад, за да бидат зеленчуците благи (слатки) и здравоносни. На тој ден е добро да се посади и плодно дрво, зашто плодовете ќе му бидат благи. А пчеларите првпат ги отвораат пчелите за да собираат мед.
На Благовец во скопско се верувало дека ако на благовец се посадат тикви истите ќе бидат благи.
Во селата од скопска блатија на овој ден се ставале „потки“на ливадите-пасиштата,со што се означувале дека во нив не смее да се пушта друг добиток за напасување ,освен на сопственикот. “(ПОТКА– ископ земјен бус и превртен наопаку на ќошовите од ливадата)
Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници, штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот, славејот и др. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег.