Сликата како Св. Георгиј ја убива ламјата е дело на нашиот сограѓанин-сликар Цацко Кочовски.Денеска именден празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка и др.
Георгиј – светец и маченик
Георгиј бил римски војник, роден при крајот на 3 век по Христа, во Кападокија, воспитан како христијанин од страна на својата мајка вдовица, во нејзиниот град Лида, во Палестина.
За време на владеењето на императорот Диоклецијан, настанало гонење на христијаните, и како римски заповедник во тоа време, Георгиј имал наредба да делува. Тој одбил и ја исповедал својата вера. Следеле многу ужасни, но неуспешни тортури, за да го надвијат младиот Георгиј (тој сè уште бил во своите дваесетти години), но се случило спротивното, во Христијанство биле преобратени некои од оние што го сведочеле неговото исповедање, вклучувајќи ја и сопругата на Диоклецијан, царицата Александрија. Конечно, Георгиј бил обезглавен. Годината на неговото мачеништво била 303 поХриста.
Празникот на светиот великомаченик Георгиј познат како Ѓурѓовден се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и целото население во Македонија што значи дека во неговата основа лежи некој голем претхрстијански празник. Се слави природата, будењето на вегетацијата и на животот воопшто.
Големиот црковен и народен празник посветен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец маѓу народот познат како Ѓурѓовден спаѓа меѓу неподвижните празници или меѓу празниците со постојан датум. Како голем празник Ѓурѓовден се поврзува со Велигден па и во народната песна се пее за нивната поврзаност, за раззеленувањето на вегетацијата и за враќањето на животот по пасивниот зимски период.
На иконата св. Георгиј е претставен како војвода како на коњ ја убива ламјата која што се наоѓа под копитата на коњот. И во легендите се раскажува, а и во песните се пее дека светецот навистина ја убил ламјата што на народот му правела голема штета. Преку убиството на ламјата симболично е прикажан придонесот на светецот во борбата и победата над негативните демони. На иконата во позадина се гледа женски лик што ја претставува царицата Александра која што исто така свесно се жртвувала, исповедувајќи ја истата вера како и светецот Георгиј Победоносец.
На Ѓурѓовден се изведуваат многу и најразлични обичаи. Ниту за еден друг празник не ги има толку со магиско апотропејска цел како што е случајот со Ѓурѓовден.
Посебно значаен обичај што е поврзан со Ѓурѓовден е лулањето или нишањето. На зелени дрва слива, врба, муренка, јаболкница и др. се обесуваат ортоми и на нив преку целиот ден се нишаат децата, но и повозрасните девојки и момчиња, дури и помладите невести. Секој што е на нишалката во рацете држи црвено јајце, а во некои краишта уште и некој сребрен предмет (најчесто прстен), коприва, трева огојка, лепаец и камен. Среброто симболизира трајност, (долговечност), огојката – гоење, каменот – цврстина, лепаецот се носи за да се лепат по девојките момчиња и по момчињата девојки, а и копривата во народните верувања поседува магиска моќ.
При нишањето се пеат песни соодветни на возраста и положбата на оној што е на нишалката, за младите се пее за тој што е на нишалката се изговара пеејќи неговото име дека дека тој се ниша , се изговара името на неговата лубов дека го гледа. Така друга песна се пее на мало дете, друга на девојка или на момче, поинаква на невеста итн.
Ѓурѓовден во народните верувања:
-Вечерта спроти 6 мај, сите куќи се украсуват со млади врбови гранчиња.
-Рано утрото пред изгреј сонце, млади девојки оделе во блиските ниви насеани со ‘рж. Таму, според традицијата, играеле и се валкале низ нивите посеани со ‘рж, бидејќи верувале дека на тој начин ќе имат долга и бујна коса. При тоа, посебно внимавале на нивната коса да им се налепи што повеќе од лепливата трава лепавец, за, како што верувале, во текот на годината да им се “лепат” што повеќе момчиња.
-Сточарите пак, стоката пред изгреј сонце ја изнесувале надвор од шталите и трлата и ја воделе да ја нахранат по околните ниви и ливади каде што растело и имало во изобилие зелена трева. Според верувањата, тоа го правеле со убедување дека нивната стока ќе расте и ќе се развива со истата брзина како што растела и се развивала тревата по околните ливади. Младите, пак, за да останеле подолго време млади и витки, се завиткувале со цвеќето дебелика.. На овој ден, според традицијата, се назначувале селски полјаци, селски говедари итн.
-Се верува дека на Ѓурѓовден треба да се стане порано и не треба да се спие преку ден. Ако тоа го сторите ризикувате да ве боли глава цела година!
-празник се смета за граница меѓу зимата и летото и врзан е за здравјето на домашните, женидба на младите, плодност на стоката, добри посеви…
– Се верувало дека ако на Ѓурѓовден е ведро, ќе биде плодна годината, а ако на овој празник врне дожд, летото ќе биде сушно.
-Порано се верувало дека колку недели пред Ѓурѓовден ќе загрми, толку товари жито ќе има таа година.
-Наспроти Ѓурѓовден, домаќинката во сад полн со вода става разни пролетни растенија: дрен, па потоа здравец и на крај грабеж , црвено јајце и пазикуќа, а потоа тоа се става под ружа во градината да преноќи.
-Наутро сите се мијат со водата: (според христијанското верување) децата – “за да бидат здрави како дрен“, девојките – “момчињата да се грабат за нив“, старите – “да бидат здрави“, домаќинот – “куќата да му биде добро чувана“ итн. Секој според своите потреби и желби.
–Од веќе заборавените магиски активности поврзани со овој повпечатливи биле преземањето на млекото од туѓата стока (овци, крави и сл.), како и симнувањето на Месечината.
Народот верувал дека ако некој го украде млекото од стоката (овци, кози, крави) тие нема да имаат воопшто млеко, и тоа што ќе го имаат ќе смрди.