Св.великомаченик ПАНТЕЛЕЈМОН

0
481
Mанастирската црква Св.Пантелејмон во с.Горно Нерези посветена на Св.Великомаченик Пантелејмон
Св.великомаченик ПАНТЕЛЕЈМОН,исцелител-лекар.
Родум од Никомидија, од мајка христијанка и татко незнабожец. Мајка му се викаше Евула, а татко му Евсторгиј. Како момче ја изучи лекарската наука. Свештеникот Ермолај го повика кај себе, го научи на верата во Христа и го крсти. Пантелејмон чудотворно излечи еден слеп когошто другите лекари залудно го лечеле: го излечи со името на Христос и го крсти. Од завист лекарите го обвинија дека е христијанин, па Пантелејмон излезе на суд пред царот Максимијан. „Со телото застана пред земниот цар, а со умот стоеше пред Царот небесен“. Тој слободно изјави дека е христијанин и пред очите на царот излечи еден фатен човек од долгогодишна болест. Ова чудо ги привлече кон Христа многубројни незнабожци. Царот го подложи Пантелејмон на маки, но Господ му се јави на светителот неколкупати и го избави цел и неповреден. Тогаш пострада и Свети Ермолај заедно со Ермип и Ермократ. Кога беше осуден на смрт, Пантелејмон клекна на молитва. Во тој миг џелатот го мавна со меч по вратот, а мечот се скрши како да беше од восок. И џелатот не можеше да го погуби додека светителот не ја заврши својата молитва и самиот не рече да го заколат. Неговите мошти станаа исцелителни. Свети Пантелејмон беше заклан под некоја маслинка, којашто потоа целата се закити со плод. Името Пантелејмон значи „семилостив“. Семилостивиот Бог ја прими неговата праведна душа и го прослави меѓу Своите големи светители. Овој прекрасен маченик пострада чесно за Христа во својата младост, на 27 јули 304 година. Свети Пантелејмон се повикува при молитвите на водоосветување и елејоосветување (осветување на масло) заедно со Свети Ермолај и останатите бесребреници и чудотворци. Најубавиот храм посветен на овој светител се наоѓа на
Света Гора..Во Македонија впечатливи градби посветени на св. Пантелејмон се Светиклиментовата црква на Плаошник, потоа црквите во Горно Нерези, Скопско, во Велес, манастирите во Кочанско, Штипско и други места.НАРОДНИ ВЕРУВАЊА

 

Доколку планирате да започнете со некоја работа, денеска е вистински ден за тоа. Се верува дека секоја работа на Свети Пантелејмон е благословена и успешна.

Ако се спремате за пат, тргнете. Пантелејмон бил голем патник, а заштитник е на сите на кои патиштата им се втор дом.

Доколку во црква се случи да се сретнат двајца луѓе кои овој ден го славата како куќна слава, треба да се прегрнат и да си честитаат, бидејќи се верува дека се роднини.

Спаѓа во огнените светци, како Свети Илија, и Огнена Марија. Затоа не е добро да се работи на поле, меѓу класјето.

Икона Св.Пантелејмон изработена од срмен конец , дело на наша сограѓанка ХРИСТИНА СИЛЈАНОВСКА ЈОСИМОВСКА
Претходниот артикал,Св. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ
Следната статијаУСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦA

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука