Играта ,,Бишка”

0
340

*„БИШКА“-Игра од подалечното минато ,која веќе е заборавена.
Правилата на играта ја раскажаа:Трипун Велковски-80г,(Симо Ангеловски -72г,),Драган Насковски 70г.сите од Илинден.
Играта „БИШКА“, исто така, се играла со стапови. „Бишката“ е дрвен предмет сличен на челикот, но, за играта можело да се користи и коскен дел од гркланот на заклан или угинат добиток. Во играта вообичаено учествувале повеќе од пет играчи. Редоследот на играчите и почетокот на играта се одредувал со фаќањето на стапот со рака. Потоа, се правела една дупка (тн. „кочина„) околу која се цртал поголем круг, околу кој, потоа, секој од играчите си правел своја помала дупка. Оној играч, што се здобил со најдобра позиција, прв ја започнувал играта која се состоела во тоа бишката, со удар со стап, да се исфрли(да ја отера) што подалеку од кругот. Оној играч што ја освоил најлошата позиција при одредување на редоследот, не можел да направи своја дупка во кругот. Затоа, тој се трудел да освои една од нив доколку сакал да се ослободи од несаканата улога во играта. Негова задача била, фрлајќи ја бишката со рака, да ја втурне во централната дупка. За да го оневозможат во тоа, останатите играчи мавтајќи со стаповите не дозволувале бишката да влезе во главната дупка. Притоа, секој од играчите, освен чувањето на главната дупка, требало да внимава да не биде заземена неговата дупка која се наоѓала на кругот. Доколку се случело некој од играчите поради невнимание да се оддалечи од својата дупка, во обид да не дозволи влез на бишката во главната дупка, тогаш, играчот што ја втурнувал бишката веднаш гледал да му го заземе местото и да застане во неговата дупка во кругот,да му ја заземе дупката . Притоа, истрчаниот играч се елиминирал и веднаш ја заземал најлошата позиција во играта. Фрлената бишка додека е во движење и насочена кон главната дупка, играчот што ја втерува бишката потурнувајќи ја со стапот се обидувал да ја донесе и внесе во дупката. Но, тогаш, сите останати играчи со своите стапови се организирале и не дозволувале бишката да влезе во дупката. При тоа, било дозволено, секој од другите играчи да истрча, да ја удри и да ја оттурне од стапот на оној што се обидувал бишката да ја внесе во дупката. Ако играчот што ја втерувал бишката почувствувал опасност дека истата од останатите играчи ќе биде пречекана и отерана што подалеку, тогаш, требало да искористи еден од ограничениот број на џокери и да каже „Солам“. Во тој случај, никој не смеел да ја удира бишката откако таа ќе застанела. Најинтересен бил моментот кога играчот, кој ја втерува бишката, ќе дошол на многу блиско растојание од главната дупка. Во таков случај, оние што требало да го спречат ги поставувале стаповите врз дупката и не дозволувале бишката да влезе во неа, притоа, особено водејќи сметка секогаш со едната нога да стои на својата дупка од кругот поради опасноста, доколку и за миг ја напушти дупката, оној што ја втерува бишката да му го земе местото. Притоа, се користеле неколку тактики, надмудрувања и трикови. Затоа, не биле ретки и повредите меѓу играчите од замавнувањата и ударите на стаповите во „празно“ додека едни се обидувале да ја заштитат, а другите да ја втурнат бишката во дупката. На крајот постоеле само две варијанти за завршеток на играта. Првата била доколку бишката влегла во дупката. Во тој случај, секој играч гледал да заземе една од помалите дупки во кругот, при што, доколку играчот што служел зазел една од дупките, тогаш, оној што ја изгубил дупката требало, понатаму, да се бори за друга дупка, бидејќи во оваа игра имало една дупка помалку од бројот на играчите. Втората варијанта била доколку играчот успеал да ја втурне бишката во дупката, а притоа не успеал и понатаму да зафати една од дупките на кругот, повторно играта ја започнувал од почеток како самостоен играч надвор од кругот.

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука