Во делот на територијата на Р. Македонија, Шар Планина има 27 езера, од нив 19 се постојани, а 8 се повремени езера.
Боговинското Езеро се наоѓа помеѓу врвовите Бристовец (2675 m) и врвот Мала Смрека (2436 m). Езерото е сместено на надморска височина од 1936 метри. Долго е 452,5 m (исток – запад), а широко е 225 m (север – југ).
Најголемата длабочина на езерото достигнува 2,20 метри. Во минатото било подлабоко, така што во 1952 година со всекување на челните препреки на истеката, длабочината на езерото е намалена за 30 cm. Езерото со вода се храни од топење на снегот како и од повеќе потоци, а водата ја губи преку испарување и истекување. Од езерото истекува Езерска Река, изворна река на Боговинска Река. Во последно време во езерото се среќаваат голем број на алги кои цветаат во текот на летото. Инаку, од животинскиот свет, во езерото се забележува присуство на речна пастрмка.








































