РАЗВОЈ НА СООБРАЌАЈОТ ВО НАСЕЛБА ИЛИНДЕН И ОКОЛНИТЕ НАСЕЛЕНИ МЕСТА ОД 1945 до денес
Местоположбата на населба Илинден и околните села од овој дел на скопска блатија во сите историски периоди, придонесувала на сообраќајот да му се посвети посебно внимание, особено по изградбата на пругата Скопје- Белград во 1883 година.
Во 1961 година започнала изградбата на Автопатот “Братство Единство”, поминува низ погоемиот дел села на Илинден. Првобитно, Автопатот бил изграден со една лента (со ширина од 9 метри) и со мал број примитивно подигнати надвозници.

Во 1967 година била електрифицирана железничката пруга Скопје – Куманово. Истата година, започнала изградбата на пругата Илинден-Трубарево.
На железничката линија која поминува исто така на нашата територија постојат две железнички станици Илинден и Миладиновци и една постојка во Дељаадровци .

Во 1974 година беше изграден и патната комуникација од кракот кој води низ горниот дел од Илинден, сега улица “8”, а порано „Илинденска“, со што се овозможи, по истиот да се одвива, покрај другиот, и автобускиот сообраќај на линијата број „66“. Инаку, локалната патна мрежа во Илинден и кон околните населени места се до 60-тите години од минатиот век била во многу лоша состојба. Улиците во селото биле тесни и калливи, поради што, месното население, преку доброволното финансирање и работа, често пати истите ги поправало и проширувало. Патниот правец Илинден-Маџари е првиот посовремен пат, изграден со калдрма и коцки во 1965-1966 година. Калдрмата и коцките користени за изградба на овој пат биле донација од Град Скопје кои, претходно, биле извадени од реконструираните скопски улици.

Развојот на локалниот автобуски превоз од Илинден кон Скопје и другите соседни населени места започнал да се одвива од 1965 година. Тогаш, започнала да функционира автобуската линија со број „63“ на тогаш ГСП “Скопје”. Автобусот тргнувал од плоштадот “Слобода” и, движејќи се по автопатот, стигнувал до надвозникот кај железничка станица “Илинден”. Неколку години потоа, односно по изградбата на патот Илинден-Маџари, автобусот со бр. „63“ се движел по таа траса најпрвин до почетокот на селото (кај што се двојат улиците бр. “8” и “9” кај Стопанска банка), а малку подоцна и до училиштето “Гоце Делчев”. Истата автобуска линија потоа била продолжена кон селата Мралино, Бунарџик и Ајватовци.

На 6 мај 1974 година била пуштена новата автобуска линија број 66,најпрво до Миладиновци ,па потоа до Мршевци и денес до Бучинци ,односно Дељадровци.
Во 2012 година од страна на ЈСП беше отворена автобуска линија бро-163 која сообраќа на релација Илинден-Кадино-Идризово-Драчево и обратно.

Со развојот на автобускиот сообраќај сé помалку бил користен железничкиот превоз.
Меѓу првите приватни автопревозници од Илинден биле: Тоше Атанасовски, Стојанче Нацевски Стојанче од Кадино и други. Треба да напоменеме дека се до пуштањето во сообраќај на автобускиот превоз со линиите „63“ и „66“, единственото превозно средство за жителите од Илинден бил возот.
Во 1963 година, започнале да се користат и првите автомобили во приватна сопственост. Меѓу првите сопственици на автомобили во Илинден биле: Краљо Нацевски, Аце Пиличковски, Борче Пиличковски, Димче Аџиевски, Борис Аџаларски, Сашко Апостоловски, Ѓорѓија Шкодрев, Драги Дејановски, Благоја Нацевски, Спиро Митровски и др. Набргу потоа, во Илинден се појавија и првите сопственици на камиони. Меѓу првите сопственици на камиони во Илинден биле Нацевски Краљо, Велиновски Славче, Десковски Борис и др.
. Во 2005 година бил изграден патот од надвозникот во Илинден до с. Ајватовци,а неколку години подоцна патот се доизгради до Мршевци, со што сообраќајната врска со ова населено место, но и Бујковци, Текија Бучинци и Дељадровци, се скрати за повеќе од 15 км. На тој начин се овозможи населбата Илинден сообраќајно да се поврзе со сите околни села и пошироко.

Покрај патниот и железничкиот сообраќај, забележителен развој имал и поштенскиот и телефонскиот сообраќај. Покрај телефонската централа во Илинден современа изградена телефонска централа има и во Миладиновци.
До 1982 година, населението од Илинден за остварување на одредени поштенски или телефонски потреби, морало да оди до локалната пошта во Маџари. Затоа, секое доаѓање на поштарот во селото било радост за месното население. Исто така, за поштенски потреби, особено за праќање на писма до младите, кои се наоѓале на отслужување на воениот рок, претежно се користеле патничките возови, кои, во својата композиција, имале и поштенски вагон, со кој се превезувале поштенските пратки. Таква поштенска услуга населението од Илинден добивало се до 1983 година. Во оваа година МЗ “Илинден” била домаќин на емисијата “Знаење – Имање”.
По тој повод, за првпат во Илинден, во една барака во кругот на Домот на културата во Илинден, која претходно била книжарница, се отворила пошта само за шалтерски услуги. Во склопот на оваа пошта, исто така, за прв пат, била отворена и телефонска говорница, која, од страна на месното население, била максимално користена.

Во 1986 година во Илинден била отворена и започнала со работа и првата телефонска централа, со пуштање на првите современи телефонски линии, за кои жителите платиле по 1.300 тогашни германски марки. Поштата била сместена во просторија на поранешната продавница на „Славија“, која се наоѓала во склопот на Домот на културата во Илинден. Просторијата, од страна на МЗ “Илинден”, била отстапена без никаков надоместок,пред се од преголемата желба и потреба, покрај шалтерските работи, населението да се здобие и со телефонски приклучоци.

Покрај железничкиот,патниот и поштенскиот сообраќај во нашата средина се наоѓа и најголемиот меѓународниот аеродром ,преку кој се одвива авиосообраќајот во Македонија.









































