НА ДЕНЕШЕН ДЕН-3 јули

0
248

*3 јули 1992.- На Попова Шапка е осветен и поставен камен-темелникот на градбата на манастирскиот комплекс посветен на Свети Наум Охридски – Чудотворец.

*3 Јули 1904 – Во обраќањето до рускиот претставник Петрјаев во Цивилното агенство, кое летото 1904 година ја посетило Македонија, војводата Апостол Петков, наречен Ениџевардарско сонце, пишува: “Зарем Македонецот не е човек да живее слободно? Зарем Македонецот не е слободен да го дише чистиот воздух и да му се радува на слободниот политички живот, како што му се радуваат слободните народи? Македонецот е веќе уверен дека се дури се наоѓа под Турчинот ништо сигурно нема за него: тој не е сигурен во својот живот, не е сигурен за своите мили и драги дечиња, за честа на жената и на своите ќерки, за својот имот., итн. Таа несигурност го натера Македонецот да го земе оружјето в раце и да се бори со Турчинот. Тој не жали што ќе умре од куршумот на непријателот и е спремен да го прави тоа се до денот на неговото ослободување. Тој веќе не се плаши од непријателот, дури ни од една европска окупација на сметка на неговите национални интереси. Што има полошо од тоа човек да се реши да умира? Таквите луѓе може ли нешто да ги заплаши, кога се тие веќе спремни да умрат? … Жално е, пред очите на цивилизирана Европа Македонецот и понатаму да робува. Нека крвта на тоа невино население и понатаму се лее пред Европа. Нека се вршат и понатаму турските ѕверства пред очите на европските конзули. Нека тие ги бранат и понатаму интересите на Турчинот на сметка на невиниот Македонец. Посочете ни ја правдината, каде и кај кого е?”.

*3 јули 1908.- Со излегувањето во илегалност на команадантот на турскиот гарнизон во Ресен, Ахмед Нијази – беј, со неговите единици, почна Младотурската револуција, бунт за воспоставување уставен режим во Турција. Носители беа претставници на турската буржоазија. Најсилен подем младотурското движење имаше во Македонија. За десетина дена султанот беше сменет од власт и во Уставот беа внесени одредби кои значително ја ограничуваа султанската власт, а младотурците влегоа во владата. Кон младотурците се приклучија и македонските револуционери на чело со Јане Сандански, Тодор Паница и Христо Чернопеев. Наскоро востанието се проширило низ цела Македонија. Битола била заземена на 22 јули и при тоа биле ослободени сите политички затвореници: Македонци и Албанци.
Настанало општо збратимување меѓу до вчера закрвените народи. На 22 јули до султанот е упатен дводневен ултиматум да го врати Уставот, а на 23 јули во Солун избувнуваат масовни демонстрации организирани од Младотурците, на кои учествуваат околу 30.000 луѓе. И во Солун биле ослободени политичките затвореници.
Под притисок на ова масовно движење, султанот на 24 јули 1908 година го обновил Уставот од 1876 година и распишал избори за Претставничкиот дом (меџлисот).
На изборите кои се одржале есента 1908 година како претставници на Македонците(Егзархистите) во Меџлисот се избрани Тодор Павлов, Панчо Дорев, Христо Далчев и Димитар Влахов.


*3 јули 1949.- Во Скопје, во Македонскиот народен театар е изведена премиерата на операта “Продадена невеста” од чешкиот композитор Беджик Сметана, а под диригенство на Трајко Прокопиев.

*3 јули 1992.- Собранието на Република Македонија донесе Декларација со која го отфрли делот на Декларацијата за поранешна Југославија на Европската заедница донесена во Лисабон на 27 јуни 1992 година, во која се условува со името на Република Македонија.

*3 јули 2001.- Во близина на караулата Танушевци – Кодра Фура,од заседа врз припадниците на АРМ. Притоа загина војникот Фејзо Џеладиновски (роден во 1981 година) од селото Елово, Скопско.

*3 јули 2001.- Кај село Радуша, Скопско, безбедносните сили на Република Македонија водеа една од најжестоките борби против албанските терористи.

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука