* 1 Септември 2022 се отвори новоизграденото ООУ „Гоце Делчев“ во Илинден,чинот на отварање го извршија:Градоначалникот Александар Георгиевски ,Директорот на ООУ Гоце Делчев Душанка Крстевска и Министерот за образование и наука, Јетон Шеќири,
Станува збор за високоенергетски ефикасен објект, со иновативен пристап и воведени нови технологии и еколошки материјали, со греење и ладење со алтернативни извори на енергија, опремено според највисоките безбедносни стандарди.
Училиштето располага со 14 училници, наставничка канцеларија, конференциска сала, пет тоалети како и три простории за кујна со терпезарии.
Сите простории се опремени со потребниот инвентар според највисоките нормативи и стандарди.
Новото училиште има сензорна соба за поголема инклузија на децата со попреченост.
Основните придобивки од отворање на ова училиште се модернизирање и проширување на просторните капацитети како и за прв пат воведување на настава со продолжен престој за учениците од прво одделение и обезбеден топол оброк.
Надворешниот дел на објектот е хортикултурно уреден, поставени се канделабри за осветлување, извршено е заштитно оградување на училиштето како и изградени се два паркинг простори, еден за родители и еден за вработените во училиштето.
*1 септември 2013г. За прв пат во Илинден се отвори средно училиште. Денес во училиштето во 8 паралелки 259 ученици изучуваат две стручни електротехничи насоки ,а наставата ја изведуваат 10 професори.
* 1 септември 1918.- Во Мурманск, Русија, во воз е убиен Гаврил Константинович, македонски лекар, револуционер и општественик, истакант деец и еден од основачите на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург, учесник во Октомвриската социјалистичка револуција во Русија. Роден е во селото Смрдеш, Костурско, на 4 мај 1878 година.
* 1 септември 1920.- На иницијатива на Месната организација на КПЈ во Скопје е одржан протестен митинг против предизборниот терор и против фалсификувањето на изборите со општинските избори во Македонија. Усвоена е резолуција за поништување на фалсификуваните избори, пуштање на мобилизираните војници, како и давање глас на сите граѓани. Под притисок на протестот властите во Кралството Југославија во некои општини ги поништија изборите и распишаа нови.
*1 Септември 1939 г. до 2 Септември 1945 г. траеше најголемата војна во историјата(втората светска војна) Во судирите учествуваа 61 земја. Големата Татковинска Војна, во која Советскиот Сојуз беше нападнат од страна на Нацистичка Германија, започна на 22 јуни 1941 г. и заврши на со падот на Берлин на 8 мај 1945 г.. Русија го слави Денот на Победата на 9 мај.
*1 септември 1940.- Во Битола е родена поетесата Гордана Бошнакоска. Член била на ДПМ, на Македонскиот ПЕН-центар и на Словенската литературна и уметничка академија. Била уредник во Македонската телевизија. Автор е на книгите: „Времето го нема“ (поезија, 1965), „Писма“ (поезија), 1974), „Влегување во Делта“ (поезија, 1981), „Босфорско лето“ (раскази, 1984), „Нордиски љубовници“ (поезија, 1993), „Њујорксон“ (поезија, 1993), „Планини од картонски кутии“ (поезија, 1997) и други. Добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата.
* 1 септември1943.- Во Корештата, Костурско, е формиран македонскиот партизански одред “Лазо Трповски”.
* 1 септември 1944.- Втората македонска НОУ бригада ја нападна железничката станица Богомила, Велешко, ја разурна станицата и зароби 40 бугарски војници, меѓу кои и двајца офицери.
* 1 септември 1944, во Кичево загинап Славко Лумбарковски,рипадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.. Учесник во антифашистичкото движење од почетокот на окупацијата на Вардарскиот дел на Македонија. Кратко време студира во бугарскиот главен град Софија. Во 1942 г. е уапсен во Битола, физички измачуван и одведен во интернација во градот Ксанти, Тракија. По враќањето од интернација во 1943 г. замина во единиците на НОВ и ПОМ. Загина при нападот на Кичево како заменик на политичкиот комесар на Првата македонска народноослободителна бригада.
* 1 септември 1944.- Првата македонска НОУ бригада ги нападна балистичките сили и го зазеде Кичево. Меѓутоа, кога непријателот присобра сили и од правецот на селото Дреново ја нападна од грб, таа го напушти градот и се повлече во Дебарца. По патот ги нападна германските обезбедувања крај железничката станица Пресека, кај селото Сливово и кај селото Ботун, ги протера и им причини загуби од осум мртви и пет заробени војници, а кај Кичево загубите на непријателот беа значително поголеми. Бригадата имаше 12 мртви и 18 ранети борци.
* 1 септември 1948.- Во Битола е роден Љубомир Цуцуловски, македонски филозоф, писател, есеист и теоретичар. Професор на Филозофскиот факултет – Скопје и е автор на повеќе книги и стручни публикации, меѓу кои „Сведоштва и коментари“, „Политички сказни“, „Марксовата антрополошка критика на капиталот“, „Некои контроверзи околу Маркс“, „Роман во една ноќ“.
* 1 септември 1960.- Формирана е Редакцијата на Телевизија Скопје и е снимена првата телевизиска вест што се емитуваше преку мрежата на ЈРТ, со што де факто се роди Македонската телевизија меѓу првите на Балканот. Во Редакцијата беа Димче Божиновски – уредник, Драги Аргировски и Димче Марковски – новинари и Благоја Прличков и Димче Гечевски – сниматели-камермани. Од тој ден Редакцијата секојдневно подготвуваше телевизиски извештаи од сите значајни настани во Македонија и телевизиски прилози од стопанскиот, образовно-културниот и спортскиот живот.
* 1 септември 1967.- Во Белград умре Емануел (Мане) Чучков, македонски општественик, професор и потпретседател на Президиумот на АСНОМ. Роден е во Ново Село, Штипско, на 27 ноември 1901 година.
* 1 септември1990.- Во Кичево се одржа протестен “Митинг на жедните” за обезбедување вода за пиење за потребите на Општина Кичево.
* 1 септември 1992.- Министерството за надворешни работи на Русија официјално предложи Република Македонија да назначи свој официјален претставник во Москва.
* 1 септември 1992.- Во Скопје е формирано Македонско здружение за нефрологија, дијализа, трансплантација и вештачки органи.
* 1 септември 1993.- Во Женева е отворена Постојаната мисија на Република Македонија при ООН и другите меѓународни организации со седиште во Женева.
* 1 септември1994.- Големото Војводство Луксембург ја извести Република Македонија дека воспоставува дипломатски односи со нашата држава.
* 1 септември 2000.- Во Скопје, во издание на ДИД “Магазин” излезе првиот број на списанието “Зум” .