НА ДЕНЕШЕН ДЕН-2 септември

0
161

*2 сптември1941.- Македонскиот поет и револуционер Коле Неделковски, за да не се предаде жив во рацете на бугарската полиција, фрли бомба и се самоуби, фрлајќи се на улица низ прозорецот од својата соба. Живееше  во стан на шести кат во Софија.  Најпознати негови дела се збирките песни “Молскавици” и “Пеш по светот”. Роден е во селото Војница, Велешко, на 16 декември 1912 година.

*2 Септември 1845 – Дебарските бегови, браќата Аќив-паша и Далиб-бег, решиле да се отцепат од султанската власт и да станат независни феудалци, слично како и Али-паша Јанински. За свое седиште го одбрале Галичник, бидејќи се наоѓал на стратегиски важно место, од каде што можело да се следи движењето на султанските војски. Жителите на Галичник биле изложени на големи маки и искушенија, бидејќи морале да ги издржуваат со храна и облека беговите и нивните војски. Не можејќи да го издржат големиот товар, селските првенци, предводени од Томо Томоски, наречен Џим се крале (половина крал), во Тетово го пратиле Стамат Гозароски за да му се пожали на тамошниот паша за страдањата на кои биле изложени жителите на селото. Освен што економски биле исцрпени, тие, исто така, биле должни да издвојуваат млади луѓе и за во војска. Тетовскиот сераскер Ајрадин-паша го ислушал пратеникот од Галичник, по што му ветил дека наскоро ќе дојде со своја војска за да ги уништи одметниците. Сфаќајќи го тој случај за многу сериозен, истиот ден телеграфски ја известил владата во Цариград и побарал инструкции како да постапи.

*2 септември 1905.- Кај месноста Ѓуров Дол, во близина на селото Ѓавато, Гевгелиско, во борба против триилјадна турска војска, откако го уби турскиот јузубашија, со последниот куршум се самоуби гевгелискиот војвода Леонид Јанков. Борбата, што ја водеше заедно со уште неколкумина негови соборци траеше цел ден. За херојската борба на Леонид Јанков и ден-денес се пее и се раскажува не само во Гевгелија, туку и низ цела Македонија. Песната “Трба, трби гевгелиска” му е посветена на овој 27-годишен војвода. Уште како селски чувар, Леонид Јанков соработуваше со илинденските востаници и со ВМРО, а учествуваваше и во неколку други акции против турската војска. Роден е во селото Мачуково, Гевгелиско, во 1878 година.

*2 септември 1932.- Во Скопје е формиран скопскиот спортски клуб „Македонија“.

*2 септември 1944.- Ослободен е Демир Хисар.

*2 септември 1944.- Президиумот на АСНОМ на својата трета седница, што ја одржа во манастирот Свети Прохор Пчински, еден месец по историското Прво заседание на АСНОМ, донесе одлука за основање на телеграфска агенција на Македонија – ТАМ. Оваа агенција одигра мошне важна улога во ширењето на вистината за праведната борба на македонскиот народ за национално и социјално ослободување.

*2 септември 1944.- Кај селото Отиштино, Велешко, од Велешкиот НОП одред “Трајче Петкановски” и од борците од велешкиот крај е формирана Осмата македонска НОУ бригада. При формирањето имаше четири баталјони со околу 950 борци. Во септември бригадата дејствуваше по должината на железничката пруга Велес – Скопје.

*2 септември Русија го слави завршетокот на Втората Светска Војна. На овој ден во 1945 година, на американскиот воен брод „Мисури“ во присуство на претставници на сите земји сојузници кои војуваа против Јапонија, вклучувајќи го и Советскиот Сојуз, потпишан е Актот за Капитулација на Јапонија. Овој ден на сеќавање официјално е воспоставен во Русија во 2010 г.

*2 септември 1945.- Кај селото Корнишор, Ениџе-Вардарско, откако беше предаден и поколен од една грчка жандармериска единица, при обидот да го пробие обрачот, загина од непријателски рафал Атанас Коровешов, член на Главното раководство на НОФ, еден од најверните синови на македонскиот народ. Роден е во селото Смрдеш, Костурско, во 1918 година

*2 септември 1991.- Во Скопје е формирано Геронтолошкото друштво на Македонија.

*2 септември 2000.- Умре Александар Каевски, еден од основоположниците на современата македонска илустрација за деца и млади. Роден е во 1932 година.

Насе Насев

*2 Септември 2023 почина Насе Насев,најтрофејниот тренер во борење во историјата на македонскиот спорт и едно од најславните имиња во боречкиот спорт, Насе Насев, поранешен директор на Македонскиот Олимписки Комитет (МОК) почина денеска по кратко боледување на 80 годишна возраст.

Насев, роден во Кочани во 1943 година, е еден од основоположниците на македонското борење, поранешен борач и тренер на Спартак од Кочани, долгогодишен селектор на репрезентацијата на поранешна Југославија, а потоа и на независна Македонија.

Учесник е на десет Олимписки игри, творец на легендите како Шабан трстена, Шабан Сејдиу и многу други кои ја прославија Македонија и македонското борење, а како спортски директор на МОК, под негово раководство во Сиднеј во 2000 година беше освоен првиот медал од едни ЛОИ за Македонија, Могамед Ибрагимов осбои бронза.

Носител е на трофеј и златен без на ИОК, во 1997 година влезе меѓу великаните на македонскиот спорт, а во јуни годинава го доби највисокото државно признание  со медал за заслуги за Македонија за траен белег на спортските терени и огромниот придонес за афирмацијата на македонскиот спорт и држава. 

Претходниот артикал,НА ДЕНЕШЕН ДЕН-1 СЕПТЕМВРИ
Следната статијаФ.К.ИЛИНДЕН-1997/98

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука