* 13 мај 1991 година,Собранието на Град Скопје донесе Одлука за прогласување на Катлановскиот предел за споменик на природата. Овој споменик на природата, се наоѓа на левиот и десниот брег на реката Пчиња и левиот брег на реката Вардар, до устието на овие две реки. Заштитената површина изнесува 5442,6 хек. и се простира во атарот на селата: Градманци, Катлановска Брезица, Летевци и дел од атарот на селата Катланово, Бадeр и Кожле.На десниот брег од реката Пчиња, каде што е Бањскиот Рид, под овие височини, само на неколку метри од реката постои тераса и тука се наоѓа Катлановската бања..

* 13 мај 1901.- Македонскиот драматург Војдан Чернодрински ја формира првата македонска театарска група “Скрб и утеха”.

* 13 мај 1795.- Во Кабеларево е роден Павел Јозеф Шафарик, словачки филолог и историчар, еден од најпознатите чешки и словачки народни преродбеници. Неговото дело е од големо значење за словенските народи. Меѓу другото, ги објави и житијата на словенските просветители Кирил и Методиј. Умре во Прага, на 26 јуни 1861 година.

* 13 мај 1949.- На врвот Кулкутурје, над Црноглава Падина, меѓу селата Нерет и Трсје, на Неретска Планина, како борец на Осумнаесеттата бригада на ДАГ, во борба против грчката владина војска загина Тина Андреева – Цвета, македонска хероина на Вичо и Грамос. Таа спаѓа меѓу најистакнатите македонски жени – борци на ДАГ, кои храбро се бореа за слобода на македонскиот народ. Псевдонимот „Цвета“ го доби врз основа на толкувањето на ликот на Цвета во претставата „Македонска крвава свадба“ од македонскиот писател Војдан Чернодрински, која за првпат беше изведена во селото Емборе, Кајларско, во 1944 година. Нејзината револуционерна зрелост особено дојде до израз по 1945 година, по формирањето на НОФ и АФЖ – Македонски во Егејска Македонија. Родена е во селото Мокрени, Костурско, во 1928 година.
* 13 мај 1961.- Преку ТВ Белград е емитувана првата емисија на ТВ – студио Скопје, наречена “Балкански концерт” која ја изведоа првенците на Балетот при Македонскиот народен театар, Елпида Пакоска и Јован Пашти.
* 13 мај 1965.- Во Белград умре Ристо Лозаноски, македонски академски сликар. Неговиот опус што го создаде за неполни 15 години од неговиот творечки живот, изнесува 150 слики, цртежи и графики. Роден е во селото Големо Илино, Кичевско, на 5 март 1923 година на

*13 мај 1990година , дуелот помеѓу Динамо Загреб и Црвена Звезда во Загреб не се одигра поради хаосот што го направија навивачките групи на двата југословенски гиганти, инцидент кој беше само најава за крвавата ѓраѓанска војна на просторите на поранешната сојузна држава. Хаосот на „Максимир“ ќе остане запаметен и по Звонимир Бобан, хрватскиот репрезентативец кој со карате потег го нокаутираше полицаецот Рахим Ахметовиќ, бранејќи еден од членовите на загрепските ултраси – „БББ“, потег кој Бобан го направи херој на загрепските модри и меѓу хрватската јавност.

* 13 мај 2013.- По долго и тешко боледување почина Иво Лауренчиќ, легенда на македонскиот и регионалниот маркетинг, претседател и креативен директор на рекламната агенција „Идеја плус“. Во својата кариера Лауренчиќ создал над 300 комуникациски проекти и над 400 видеоформи во филмската и креативната индустрија. Повеќето негови дела добија антологиски карактер и денес се пример за врвни достигнувања. Роден е во Шибеник, завршил Филмска академија во Белград, бил директор на Втората програма на РТВ Белград, работел на многу проекти, градејќи кариера како слободен филмски уметник. Снимал документарци, бил помошник-режисер на „Венецот на Петрија“, „Мајстори, мајстори“, „Сивиот дом“, „Грлом у Јагоде“… Со негов потпис беше и видео изразот за последната песна на Евровизија во поранешна Југославија, која во 1990 се одржа во Загреб. Паралелно се усовршувал за маркетинг, комерцијален и политички. Во Македонија дошол пред 20 години. Тука ја развива маркетинг-агенцијата „Идеја плус“, по урнекот на „Идеја плус“ од Белград која веќе успешно работеше во Србија.

*13 мај 2016.- Во 88 година од животот, почина истакнатиот општественик и раководител во повеќе високи државни институции Драгољуб Николовски – Ганди. Бил дипломиран историчар на Филозофскиот факултет во Скопје. Ганди ќе биде запаметен како исклучително значајна личност за развојот на образовно-научната дејност во Македонија. Посебен придонес има за развојот на археолошкиот локалитет Стоби и во поддршка на проекти од образованието, науката и културата, како и поддршка на странски стипендии и проекти во Македонија. Во македонската современа историја, тој ќе остане забележан како една од личностите-темелници на образовно-научната дејност во Македонија во текот на втората половина на 20 век.









































