НА ДЕНЕШЕН ДЕН-15 ЈУЛИ

0
356

НА ДЕНЕШЕН ДЕН-15 ЈУЛИ

*15 јули 1944.- Во Штип во судир со бугарските единици ,беше убиена Вера Циривири-Трена, првоборец и активен учесник во напредното работничко движење. На 15 години, поради болест оди на лекување во Белград и токму таму започнува нејзината политичката кариера. Во тоа време, шивачкиот дуќан на Коста Циривири, нејзиниот татко, во Белград било познато свратилиште на револуционери, уметници, поети и студенти од Македонија, меѓу кои најредовни посетители биле: Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Борка Талески, Кузман Јосифоски-Питу, Кочо Рацини други, кои имале големо влијание во нејзините политички убедувања. За време на окупацијата Вера Циривири била меѓу првите што се приклучува во НОБ. Таа важела за многу добар инструктор со одлични организаторски способности, па поради тоа партијата постојано и доверувала задачи да отвора месни комитети и да испраќа борци на фронтот. Во повеќе места Вера се претставувала како Трена, некаде како Светлана, некаде како Ленче. Бугарските окупаторски власти давале 20.000 лева за да ја фатат жива. По партиска задача заминала за Штип, каде што во ноќта на 15 јули 1944 година, од бугарската полиција била блокирана куќата во која се наоѓала. Вера боса почнала да бега кон соседните куќи, но никој не и одговорил на молбите да се скрие. Во моментот кога го прескокнувала ѕидот на оградата од некоја куќа, паднала погодена од полициските агенти, кои ја гонеле. За да не се предаде жива во рацете на непријателот, Вера се самоубила. Вера Циривири-Трена до денес не е прогласена за народен херој.Родена е во Прилеп во 1921 година.

*15 јули 1922.-  година парното вовче “Ќирчо” или како некои го викале “Пампур” бидејќи личело на чајник, ги превезе првите патници од Ханриево (денешно Ѓорче Петров) преку Групчин, Тетово, Падовина (Жеровјане), Гостивар, Кичево до Охрид (со крак према Струга и Ташмаруништа). Летото 1916 година германската војска користејќи локално население, претежно ромско, почнала со изградба на трасата од село Оризари (тогаш и почнало масовното населување на Роми во ова село), во должина од 163 километри. Се гради и кракот од село Оризари до рудниците во Радуша во должина од 18 километри. Обновената делница од Генерал Харис (Ѓорче Петров) до Гостивар е пуштена на 2 март 1919 година, од Гостивар до Кичево е обновена 1920 година. Патувањето до Охрид траело по 18 саати, а понекогаш се патувало и до два дена, ако во меѓувреме не испаднел некој вагон или самата локомотива од шините. Тогаш патниците се симнувале и заедно со персоналот на возот со рачни дигалки ги враќале во колосек и продолжувале по патот.Пуштена е во сообраќај теснолиниската железничка пруга од Ѓорче Петров до Охрид и селото Ташмаруништа, Струшко.

*15 јули 1882.- Во Кратово е роден Павел Шатев, македонски револуционер со европско образование, еден од легендарните солунски атентатори – гемиџии, доктор по правни науки, министер за правосудство на НРМ и публицист. Бил член на раководството на ВМРО (Обединета) формирана 1925 година во Виена и поборник за одбрана на самостојноста на македонското националноослободително дело меѓу двете светски војни, како и член на Президиумот на АСНОМ. Се залагал за идејата дека македонското националноослободително дело мора да остане чисто и самостојно, да биде надвор од влијанијата на комунистичките партии и другите туѓи влијанија, но не ја исклучувал и можноста за заемна соработка со балканските комунистички партии во функција на создавање на општо ослободително движење на Македонците во сите три дела на поделена Македонија. Во 1949 година како последица од информбировската политика во Југославија бил затворен во куќен притвор. Починал во 1951 година во Битола.

*15 јули 1916.- Во Санкт Петербург умре Наце Димов (Чуповски), македонски деец, еден од најистакнатите членови на Македонското научно-литературно другарство и на македонската колонија во Санкт Петербург, брат на Димитрија Чуповски. Автор е на книгата „Македонија во минатото, во сегашноста и во иднината“. Роден е во селото Папрадиште, Велешко, на 31 јануари 1876 година.

 *15 ЈУЛИ 1923 г. бил роден Панде ЈОВЧЕВСКИ – Кајзеро припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Потекнувал од земјоделска фамилија, а и самиот бил земјоделец. Прогресивното комунистичко движење што го имало опфатено селото Лавци, не го заобиколило и него. Од самиот почеток на антиокупаторската борба активно ја помагал. Веќе на 25 ноември 1942 г., се приклучил кон единиците на НОВ и ПОМ. Најнапред бил во партизанскиот одред „Даме Груев“, а подоцна и во одредот „Јане Сандански“. На 22 јуни 1943 г., кога селото Лавци било опколено од бугарска војска и полиција, тој заедно со Панде Ташкоски, тргнале да се вратат во партизанскиот одред, но наишле на бугарска заседа која ги раздвоила. Панде Ташкоски успеал да се пробие, а Панде Кајзеро отпочнал нерамна борба со непријателот. Успеал да ликвидира 13 или 14 бугарски полицајци и војници. Откако му завршила муницијата, со последната бомба се самоубил на 22 јуни 1943 година во село Лавци, Битолско.

*15 јули 1924.- Во Виена излезе првиот број на весникот „Балканска федерација“, орган на угнетените народи и национални малцинства на Балканот, а го уредуваше македонскиот револуционер Димитар Влахов.

*15 јули 1928.- Во Скопје слета првиот патнички авион „потез 29“ со кој е воспоставена првата воздушна линија на релацијата Белград – Скопје. Авионот можеше да превезува само пет патници и 290 килограми багаж.

*15 јули 1961.- Во Струга е одржано литературно читање на група истакнати македонски писатели, а по повод 100-годишнината од излегувањето на Зборникот на Браќата Миладиновци. Ова е зародиш на Струшките вечери на поезијата. Во 1962 година во Струга е формиран фестивалски одбор. Претседател беше писателот Ацо Шопов. Првиот поетски фестивал е одржан во септември 1962 година. Струшките вечери на поезијата е меѓународна поетска манифестација што секоја година се одржува во месец август. Најзначајна награда на СВП е „Златниот венец“, кој првпат е доделен во 1966 година за најдобра песна (прв добитник е руско-советскиот поет Роберт Иванович Рождественски, а прв македонски венцоносец е Блаже Конески, во 1981 година). Од 1971 година „Златниот венец“ се доделува за целокупен поетски опус.

Игор Џамбазовв

15 јули во 1963 г., во Скопје,роден е Игор Џамбазов. Дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот за актерска игра, во 1987 г. Од 1987 до 1992 година работи во Драмски театар – Скопје, а потоа и во Македонски народен театар – Скопје.

*15 јули 1987.- Во Скопје умре Панде Поповски, еден од доајените на македонското новинарствто. Учесник е во НОВ на Македонија од 1941 година. Во 1944 година стана член на Агит-проп во Главниот штаб на НОБ во Горно Врановци, а во 1945 година беше еден од првите пионери-новинари на Радио Скопје. Особено значење има неговиот придонес во ширењето на репортерството и на сликарството во првите повоени години, како и во пропагирањето за описменување на македонскиот народ и во афирамацијата на нашата земја меѓу нашите иселеници во прекуокеанските земји и насекаде каде што имаше македонски иселеници. Роден е во селото Царев Двор, Ресенско, во 1912 година.

*15 јули 1990.- Во Охрид е извршено осветување на новоизградената црква “Света Тројца”.

*15 јули 1999.- Во Прилеп умре Олга Наумовска, македонска актерка, доајен на Битолскиот народен театар и на македонското актерство. Родена е во Скопје, во 1927 години.

Претходниот артикал,Ѓоковиќ,прв рекет во светот
Следната статија„ДИФЕНБАХИЈА“- ЕДНА ОД НАЈОТРОВНИТЕ БИЛКИ

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука