*15 октомври 2000 г. поставен е камен темелник на црквата Успение на Пресвета Богородица во Бујковци.
Камен темелникот по поставиГ.Г.Кирил , на сликата со него се Тодор Јовчевски иницијатор за градба на црквата и Марио Комушинац, првиот кум .
* 15 октомври 1974г. во 7,45 часот непосредно до училиштето во с. Миладиновци се судриа два автобуси на Градски Сообраќај –Скопје ,при што се повредени 40 ученика од училиштето во с.Миладиновци.
+15 Октомври 1891 – Дејствувајќи според планот за придобивање на скопскиот валија Ејуб-паша, митрополитот Теодосиј, сметајќи на австриските аспирации кон Македонија и на ветувањата за политичка автономија на Македонија, го повикал кај себе австро-унгарскиот конзул во Скопје, Шмукер и го замолил да посредува меѓу него и пашата. Шмукер ја прифатил понудата за посредништво и преку него Теодосиј му дал поткуп на валијата во висина од 200 турски лири. Сметајќи се за безбеден од турската власт, митрополитот Теодосиј започнал со разработка на планот за привлекување и на другите македонски епархии и црковноучилишни општини за обнова на Охридската патријаршија.
*15-23 Октомври 1912 – Во Прилепскиот регион се борела четата на Крсто Гермов, наречена Прилепски летачки одред. Во неа, главно, влегувало месно население и содејствувало со четата на ВМОРО на војводата Милан Ѓурулков. Во Прилепско, на повикот за војна, населението масовно се пријавувало и се ормирала месна милиција од повеќе чети. Војводите Мирче и Аргир мобилизирале околу 1,000 милиционери и на 15 октомври разбиле еден турски коњанички одред на просторот меѓу Прилеп и Плетвар. На 20 октомври го ослободиле селото Тополчани, а на 23 октомври влегле во Прилеп како ослободители. Во меѓувреме содејствувале со српските воени формации. На Селечка Планина кај Студенчица, прилепската месна милиција, дејствувајќи во тилот на турската војска, успеала да заплени големи количества храна и воен материјал. На планината Бабуна прилепските чети овозможиле српската војска да ги пробие турските позиции на Присад, поради што војводата Ѓурулков добил лично благодарност од српскиот престолонаследник кнезот Александар. Меѓутоа, за кратко време српските власти ја заборавиле помошта од македонското население. Сите чети ги нарекувале бугарски, а војводата Ѓурулков го прогласиле за штетен за српската политика, па го затвориле.
* 15 Октомври 1915 година во виорот на Првата светска војна кај с.Криволак загина ДИМИТАР ПИНЏУРОВ, подофицер на Првиот македонски полк на Бугарската армија. Роден е во с. Ваташа во 1884 година во револуционерно семејство. Се образувал во Ваташа, Кавадарци и Солун каде завршил Егзархиска машка гимназија. Работи како учител во с.Рожден, а во 1904 г. заедно со Никола Шишков и Дончо Лазаров се вклучуваат во четата на војводата Добри Даскалов. Во 1906 година преминува во четата на гевгелискиот војвода Аргир Манасиев. По Младотурската револуција се преселил во Гевгелија каде е раководител на Народната федеративна партија. Во 1911 г. се враќа во Тиквешијата, а во 1913 г. е еден од организаторите на Тиквешкото востание и е член на Главниот штаб на востанието. По востанието заминува во Струмица каде работи како учител. Се оженил со Менка Пинџурова , а на 5 март 1915 г. се родил неговиот син Страшо, кој не успеал да го запознае својот такто бидејќи бил само 6 месеци кога Димитар Пинџуров загинал.
* 15 октомври 2006г. Почина – Незаборавниот Часлав Божиновски кој потекнува токму од младинската школа на клубот несомнено е една од најголемите фудбалски легенди кој најпрвин како играч а потоа како тренер и директор мина 30 години од својот живот во Ф.К Вардар. Роден е во далечната 1935 година и како „вардарово дете“ дебитира за првиот тим во сезоната 1954/1955 на натпреварот против Војводина (26.09.1954) кој завршува со нерешен резултат од 2:2. Во наредните 10 години за тимот на Вардар ќе одигра вкупно 297 натпревари зачинети со седум погодоци во противничките мрежи. Божиновски исто така беше незаменлив првотимец и во генерацијата која во 1961 година го освои националниот куп на поранешна Југославија. Како шеф на стручниот штаб на првиот тим најголемиот успех го постигнува во сезоната 1972/1973 кога тимот под негово водство постигна рекорд од 14 првенствени натпревари без претрпен пораз. Повеќе од една деценија подоцна, беше тренер и на младата екипа на Вардар која под негово водство во 1984 година триумфира во младинскиот куп на поранешна Југославија. Божиновски исто така беше директор во Ф.К Вардар кога во натпреварувачката 1986/1987, „црвено-црните“ се искачија на шампионскиот трон во првата југословенска лига.
*15 Октомври 1975 – Во Битола беше формиран Завод за заштита на културно-историските споменици, природните реткости и музеј, вклучувајќи ја и Хераклеа. Заводот, всушност, беше создаден со прераснување и преименување на Музејот на градот Битола, основан во 1934 година. Новата институција, кон која се приклучи (15.10.1982) и Уметничката галерија, има комплексна структура од историски, археолошки, етнолошки и ликовни збирки, а вкупниот број експонати се движи околу 50,000.
* 15 октомври 1984.- Во Торонто, Канада, излезе првиот број на весникот на Македонците во Канада “Македонија”.
* 15 октомври 1986.- Во Скопје, во адаптирани простории на Старата железничка станица, е даден во употреба Салонот на весникот „Остен“, во којшто е отворна Осумнаесеттата изложба на Светската галерија на карикатури на тема „Се е кабаре“.
* 15 октомври 1992.- Во Скопје е регистрирана Демократската партија на Турците на Македонија, со седиште во Скопје, а за претседател е избран Ердоган Сарач.
* 15 октомври 1993.- Во Париз, Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) е примен за полноправен член на Светската автомобилска федерација (ФИА)
* 15 октомври 1995.- По 20 месеци грчко ембарго, отворена е македонско-грчката граница.
*15 октомври 1997.- Во Скопје умре Владо Чучков, еден од најпознатите пера на македонската музичка критика. Роден е во 1929 година.
*15 октомври 2000.- Во Струмица умре Доне Чапарев, македонски писател. Автор е на книгата поезија „Живи сенки“, „Вечерни патувања“ и други, на драмските дела „Благој Мучето“ и „Пајтон полн оружје“ и на други дела. Роден е во Струмица, на 4 јуни 1949 година.
*На 15 октомври 2017г. се одржаа локалните избори во Република Македонија.