–24 јануари 1957. – Роден е Влатко Стефановски, македонски гитарист,кој бил мошне успешен лидер и најплодотворен член на „ЛЕБ И СОЛ“. Во текот на 20-те години на „Леб и сол“ биле снимени 12 албуми и музика за филмски, театарски, телевизиски дела…
Како најистурен играч во групата ги напишал незаборавните: Не сум твој, Бранова должина, Кумова слама, Жива рана, , Како какао, Скопје, Чукни во дрво… И натамеу остварува успешна кариера на македонски и еден од најуспешните регионални лидери на уметноста на гитарата.

–24 јануари 1996.- Во Тамсон Јаус, Вест Довер, САД, умре Стојан Христов, американски писател, новинар и публицист, од македонско потекло, почесен член на Друштвото на писателите на Македонија. Меѓу другото, автор е на книгите „Херои и убијци“, „Ова е мојата земја“, „Лавот од Јанина“, „Американски аџилак“, „Орелот и штркот“ и други. Роден е во селото Кономлади, Костурско, на 18 август 1898 година.

–24 јануари 1929.- Во Софија умре Васил Главинов, еден од првите организатори на социјалистичките идеи и организатор на работничкото движење во Македонија, поборник за балканска федерација. Во 1894 година во Велес формира читалиште, односно прво просветно работничко друштво, а во 1896 година, во Софија, македонска социјалистичка група. Ги издаваше весниците “Револуција”, орган на македонските револуционери – социјалисти во Бугарија, “Политическа слобода”, всушност продолжение “Револуција”, но со појасна и поправилна програма, како и низа прогласи и брошури, што конспиративно ги префрлуваше во Македонија. Учествуваше на Првата балканска социјалистичка конференција во Белград, во 1910 година. Роден е во Велес, околу 1869 година.

–24 јануари 1922.- Родена е Блага Алексова, македонски археолог и академик. Нарекувана е прва дама на македонската археологија.Нејзините истражувања биле насочени кон докажување на културолошкиот континуитет меѓу раното христијанство и средновековјето во Македонија. Ја открила најстарата христијанска црква во Македонија (Старата епископска базилика во Стоби). Вршела ископувања на локалитетите: Демир Капија, Баргала, Крупиште, Струмица, Полог, Охрид, Преспа, Дојран, Оризари, Радолишта и Стоби. Учествувала на голем број научни собири во Македонија, САД, Австрија, Англија, Русија, Романија, Турција, Бугарија, Италија, Хрватска, Србија, Грција, и во Албанија. Починала на 12 јули 2007 година во Скопје.
–24 јануари 1935.- Во Софија излезе првиот број на неделното списание за историја, наука, култура и литература „Македонски вести“, чиј уредник и сопственик беше Ангел Динев, македонски општественик и публицист. Списанието си постави за задача „да ја изнесува историјата на народното македонско ослободително движење“ и беше на страната на ВМРО (обединета).

–24 јануари 1946.- Со решение на Министерството за народна просвета на Македонија првата македонска граматика е одобрена за учебник во средните училишта. Нејзин автор беше професорот Круме Кепески.
–24 јануари 1991.- Во Скопје, во издание на НИП „Нова Македонија“, излезе првиот број на независниот македонски неделник „Пулс“.