НА ДЕНЕШЕН ДЕН 25 ЈАНУАРИ

0
243

25 јануари 1981.- Во Прилеп е роден Тоше Проески. Музичката кариера ја започна со настапот на „Мелфест“ во 1997 година. Патот кон ѕвездите му го отворија песните „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998). Тој беше претставник на Република Македонија за песна на Евровизија во 2004 година во Истанбул, Турција, и го освои 14-то место со песната „Лифе“. Во 2004 година, Проески беше именуван за регионален Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ.

 По тој повод ја издаде песната „За овој свет“. Со песната „Чија си“ во 2003 година Тоше победи на белградскиот музички фестивал „Беовизија“. Тој ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ако ме погледаш у очи“ – верзија на српски јазик (2003) „Ден за нас“ (2004), „Дан за нас“ – верзија на српски јазик (2004) „По тебе“ (2005), „Пратим те“ – верзија на српски јазик (2005) „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007) и „Игре без границе“ – хрватска верзија (2007). Сингловите од албумот „По тебе“ по неколку месеци се наоѓаа на највисоките места на музичките топ-листи во Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина.

Неговото издание „Божилак“ е компилација од 14 избрани традиционални македонски песни. Објавени се и ДВД-изданија на негови концерти во 2004 и 2006 година. Негови најпознати хитови се „Усни на усни“, „Соба за тага“, „Ако ме погледнеш в очи“, „Тајно моја“, „Немаш ни благодарам“, „Срце није камен“, „Кој ли ти гризе образи“ и други. Тоше ги привршуваше студиите на Музичката академија во Скопје и работеше на музичката кариера во светски рамки. Последниот концерт во Македонија го одржа на 5 октомври на Градскиот стадион во Скопје. Концертот беше хуманитарен и наменет за обнова на основните училишта во земјава. Постхумно Владата на Република Македонија го прогласи за заслужен граѓанин на државата. Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска.

25 јануари 1852.- Во Кратово е роден Ефрем Цветков Каранов, собирач на македонски народни умотворби. Тој, заедно со Ѓ. Пулевски, П. Гиновски, Ѓ. Абаџиев, В. Икономов и други, се појави како значаен популаризатор на македонското народно поетско творшетво. Тој е основач и претседател на Македонското емигрантско друштво во Ќустендил. Умре во Ќустендил, на 6 декември 1927 година.

25 јануари 1904.- Излезе првиот број на белградскиот весник “Политика”.

25 јануари 1954.- Во Скопје, во издание на Институтот за македонски јазик, излезе првиот број на списанието “Литературен збор”, орган на Друштвото за македонски јазик и литература.

25 јануари 1961.- Во Скопје умре д-р Сотир Ставридис, македонски хирург и уролог, прв асистент на Хируршката клиника во Скопје, основана во 1947 година, а подоцна нејзин долгогодишен директор. Тој е основач и раководител на Уролошкото одделение на Хируршката клиника. Во својот творечки живот објави повеќе од 20 стручни трудови од областа на хирургијата и урологијата. Роден е во Скопје, на 10 октомври 1904 година.

25  јануари 1991.- Собранието на Република Македонија усвоило Декларација за независност.

25 јануари 1996.- Република Македонија и Белизе воспоставија дипломатски односи.

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука