НА ДЕНЕШЕН ДЕН-5 септември
*5 септември 2009. – Во водите на Охридското Езеро потона бродот „Илинден“ ,кога при потонувањето на бродот, животот го загубија 15 лица, туристи од соседна Бугарија. Несреќата се случи во 10:30 часот, кога потона бродот со 57 патници ,кој сообраќаше на релација од Охрид за Свети Наум. Тоа саботно утро времето беше исклучително топло, езерото мирно, ништо не навестуваше дека ќе се случи најголемата бродска несреќа во историјата на пловидбата на Охридското Езеро. „Илинден“ се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“.

*5 септември 1919.- Во Струга е роден Владо Малески, македонски револуционер, општествено политички работник и истакнат македонски писател. Автор е на книгите раскази “Ѓурѓина алова”, “Бранувања”, на романите “Она што беше небо” и “Разбој”. Тој е автор на сценариото на првиот македонски уметнички филм “Фросина”. Умре во Струга, на 23 септември 1984 година.

*5 септемви 1956.- Во месноста Моклиште над селото Ваташа, Кавадаречко, во утринските часови на 5 септември огромно свлечиште земја затрупа 11 луѓе. Сите затрупани беа овчари со нив беа затрупани и 12000 овци и повеќе грла крупен добиток на земјоделските задруги во Ваташа, во Дреново и во Возарци.

*5 септември 1961.- Во Белград умре Алексо Демниевски-Бауман, македонски борец во Шпанската граѓанска војна (1936-1939) и во НОВ на Македонија во 1944 година. Во Шпанската граѓанска војна беше командант на баталјонот “Ѓуро Ѓаковиќ”, а откако беше унапреден во чин мајор стана командант на интернационалната бригада “Георги Димитров”. Во НОВ на Македонија беше командант на Петнаесеттиот македонски ударен корпус. Роден е во Велес, на 10 септември 1905 година.

*5 септември 1983.- Во Скопје умре Лика Чопова – Јуркова, истакнат педагошки работник и публицист. Потекнува од македонските револуционерни смејства на Делчеви и на Чопови, од мајка Руша Делчева, сестра на Гоце Делчев и татко Андон Чопов. Родена е во Кукуш, Егејска Македонија, на 19 февруари 1885 година.

*5 септември 1997.- Во Калкута, Индија, умре Мајка Тереза (вистинското име и е Агнес Гонџа Бојаџиу), основачка на милосрдието. Во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир за извонредно широката дејност во помагањето на бедните, болните и унесреќените во целиот свет. Родена е во Скопје, на 26 август 1910 година

*5 септември 1999.- Во Скопје, пред Домот на АРМ е откриен споменик на Мајка Тереза, најголема хуманистка на 20. век, добитник на Нобеловата награда за мир во 1979 година.
*5 септември 1998.- Во Скопје умре Петар Ширилов, македонски писател и летературен критичар. Автор е на книгите раскази “За детството и светилките”, “Бунт во каменот”, “Геометри”, на романите “Заветрина спроти виулицата”, “Плачат оние планини за мене”, “Црноборје” и други. Роден е во село Горничево, Егејска Македонија, на 18 мај 1934 година.
*5 септември 2000.- Во Скопје, со симболично предавање на клучевите од дуќанот со површина од околу шеесетина метри квадратни на улицата “Максим Горки” бр. 7 на Лепосава Пиперковска и на другите наследници од Скопје, премиерот Љубчо Георгиевски го означи стартот на денационализацијата во Република Македонија.

*5 септември 2014.- Почина сопранот Васка Биџова-Гајдова, уметник од првата генерација на основоположниците на Македонската Опера и Балет. Васка Биџова-Гајдова трајно ќе остане во сеќавање по нејзиниот прекрасен колоратурен сопран, или како што ја наркуваа „Славејчето на операта“. Ке биде запаметена по улогите на Адина во „Љубовен напиток“, Евридика „Орфеј и Евридика“, Кралицата на ноќта „Волшебната флејта“, Лучија во „Лучија од Ламермур“, Џилда во „Риголето“, Фјордилиџи „Така правата сите“, Розина „Севилскиот бербер“ и многу други.