НА ДЕНЕШЕН ДЕН – 8 АВГУСТ
*8 август 2001.- На патот Скопје – Тетово во близина на селото Групчин кај месноста Карпалак се случи крвавиот масакар,над Македонските војници во воениот конфликт во 2001 година. На тој ден 10 резервисти беа убиени, а тројца ранети кога конвој од хермелин, два автобуса, камион и комбе од Прилепската касарна одел кон Тетово. Кај месноста Карпалак конвојот бил начекан во терористичка заседа во 9:30 часот и врз него бил отворен жесток оган од тешки митралези и рачни ракетни фрлачи. Едно транспортно возило било погодено со ракетен фрлач, при што загинале осум војници и двајца офицери, сите од резервниот состав. Со ракетен фрлач бил погоден и еден од автобусите. Борбите за извлекување на преживеаните 108 луѓе траеле повеќе часови,при што се убиени: Нане Наумоски (48), резервен капетан, Сашо Китановски (40), резервен поручник, Горан Миновски (29), воен обврзник, Ердоган Шабановски (21), воен обврзник, Љубе Грујоски (32), воен обврзник, Бранко Секулоски (43), воен обврзник, Дарко Велјановски (27), воен обврзник, Пеце Секуловски (31), воен обврзник, Веби Рушитовски (26), воен обврзник и Мирко Деспотовски (27), воен обврзник, сите од Прилеп и Прилепско.

*8 август 1943 г. Во Скопје родена е Есма Реџепова, позната македонска пејачка и хуманистка. Нарекувана е Кралица на ромската музика во светски рамки. Во 2013 г. ја добила престижната титула Национален уметник на Република Македонија. Есма е најмаркантното музичко име на македонската, балканската и светската музичка фолк-сцена, таа е жена која животот го посвети на хуманоста, човекољубието и добрината. Жената со божествениот глас почнувајќи од првите младешки музички успеси стана светски прифатена и призната. Таа со песната, темпераментот и ромскиот музички ритам го освои светот. Есма стана лесно препознатлив македонски бренд во светот со својата оригиналност и музичка виртуозност. Починала на 11 декември 2016 година, во Скопје.

*8 август 1908.- Во Солун излезе првиот број на весникот „Конституциона зарја“, орган на МОРО, односно гласило на санданистите. Негови редактори беа Димо Хаџи Димов и Димитар Мирасчиев. Весникот беше најзначајна трибина за македонските револуционери и прогресивни сили во периодот меѓу 1908 и 1912 година ,иницијатор за формирање на првата новинска агенција на Македонија, најблизок соработник на Методија Андонов – Ченто. Умре на Голи Оток, на 13 јули 1951 годинa.

*8 август 1974,починал Кирил Манчевски, бил еден од великаните на градската, лирска народна песна.Роден е во Броштица, Дебарско. Иако по занимање всушност беше металски работник, во текот на неговиот кус живот тој и се посвети на народната песна, која беше неговиот најверен сопатник. Како човек беше едноставен и искрен, исклучително духовит, вистински професионалец – велат за него оние кои го имаа задоволството лично да го познаваат. Неговиот музички талент е откриен во 1950-тите години. Оттогаш тој стана и сценски презентатор на народната песна, во и надвор од Македонија. Заедно со разните македонски фолклорни ансамбли тој имаше можност да ја отвори својата “лирска душа” и на светската јавност, која е љубител на македонските музички бисери. Најчесто настапувал како солист, а многу ретко во дует. Неговиот репертоар ги вклучувал најубавите бисери на македонската староградска музика. Меѓу нив, доминантно место имаат лирските песни, со поетски стихови и широко распеани мелодии, но и печалбарските, патриотските и други. Тој изградил единствен интерпретаторски стил, кој се одликува со широки и богати мелизми, вкусни и издржани каденци, карактеристнични и особено прецизни мелодиски орнаменти. Колку само внимателно, преполн со емоции, гази по секој од тоновите на мелодијата! Неговиот глас ѕвони во бавните и широки, рубато песни, од кои блика сиот лиризам на срцето. Долгите издржано каденци на крајот како да се претопуваат во тишината, толку природно и нежно, како снегулката што при допирот со дланката се топи и исчезнува.
