*8 јули 1750, с. Осломеј, Кичевско – 20 септември 1820, роден е Јоаким Крчовскитој е македонски светец и прв македонски просветител, кој со своето дело и свештеничката професија бил народен учител и просветител на Македонците на почетокот од 19. век.
Крчовски е автор на пет книги кои се пред сè со религиозна содржина:
„Слово исказаное заради умирание” (1814), „Повест ради страшнаго и Втораго пришествија Христова” (1814), „Митарства” (1817), „Чудеса пресвјатија Богородици” (1817) и „Различна поучителна наставленија” (1819).
„Слово исказаное заради умирание“, печатена 1814 г. во Будим, е прва книга на народен македонски јазик, составена од проповеди наменети за воспитување во христијански дух.
*8 јули 1920 започна санација-поправки на камениот мост во Скопје. Инаку за неговата изградба постојат две претпоставки околу датацијата на мостот. Според првата која е потврдена со археолошките проучувања, тој бил изграден во VI век, веднаш по катастрофалниот земјотрес од 518 год., во текот на градежните активности кои биле преземени низ сета Империја од страна на императорот Јустинијан I.

Според втората претпоставка, која е поддржана со историски извори, мостот бил изграден во времето на султанот Мехмед II Освојувачот (1444-1446; 1451-1481), во периодот меѓу 1451 и 1469 год. Мостот денеска се смета за симбол на градот Скопје и е главен елемент на грбот на Скопје, кој пак грб е насликан на знамето на Скопје во жолто-златна боја.

* 8 јули 1943 година во Битола е убиен Трајче МАГЛОВСКИ, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Роден бил во селото Смилево на 4 мај 1923 г.

*8 јули 1947.- На седницата на Советот за безбедност на ООН, советскиот делегат Андреј Громико остро го нападна извештајот на Анкетната комисија за ситуацијата во Грција што беше поднесен на одобрување. Во предложената советска противрезолуција спрема американската се бараше, покрај другото, грчката влада да ги преземе неопходните мерки за отстранување на секаква дискриминација на граѓаните од Македонија и на албанската националност и да им даде можност да го говорат својот мајчин јазик и да ја развиваат својата национална култура.

*8 јули 1977.- Собранието на СР Македонија го прогласи Законот за распишување јавен заем за изградба и реконтрукција на патиштата во СР Македонија. Запишувањето на заемот почна на 1 октомври 1977 година и траеше до 31 декември 1977 година.
*8 ЈУЛИ 1997 Усвоен Законот за употреба на знамињата, со кој беше регулирана употребата на македонското државно знаме, а беше забранета употребата на знамиња на други држави во државните и локалните институции.
*8 јули 1998.- Почна изградбата на автопатот Стоби – Неготино.