СВЕТИ АПОСТОЛ ПАВЛЕ – ПАВЛОВДЕН и Собор на Славни сефални Апостоли

0
424

Денес е Павловден и Собор на Светите славни и сефални апостоли

Иако секој од Светите големи апостоли има свој посебен ден за празнување во годината, сепак овој ден Црквата го одреди како соборен празник на сите заедно, а со нив и Павле.

СВЕТИ АПОСТОЛ ПАВЛЕ – ПАВЛОВДЕН

Следниот ден по Петровден 13 јули/ 30 јуни е празникот Собор на 12 Апостоли – Павловден.Родум од Тарс, од племето Венијаминово. Прво се викаше Савле, учеше кај Гамалиил, беше фарисеј и гонител на христијаните. Во христијанската вера беше обратен преку чудо од Самиот Господ, Којшто му се јави на патот за Дамаск. Крстен од апостолот Ананија. Му се даде името Павле и беше приброен кон службата на големите апостоли. Со пламена ревност го проповедаше Евангелието секаде, од границите на Арабија до Шпанија, меѓу Евреите и незнабожците. Го нарекоа апостол на незнабожците. Колку што беа страшни неговите страдања толку беше натчовечко неговото трпење. Низ сите години на неговото проповедање како на тенок конец висеше ден за ден меѓу животот и смртта. Откако сите денови и ноќи ги исполни со страдања за Христа, откако на многубројни места ја устрои Црквата и откако ја достигна таа мера на совршенство што можеше да рече: „не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене“, беше убиен со меч во Рим, во времето на царот Нерон, кога и апостолот Петар.Бидејќи претходниот ден, иако е посветен на двајцата славни Господови апостоли, сепак се вика Петровден, овој ден е одреден да се слави споменот на Светиот апостол Павле – Павловден.Павловден во особено кај жените се смета како„потежок“ празник од Петровден, на овој ден не се работело за да не бидат каснати од пајак бидејќи се верувало дека човек каснат од пајак на овој ден тешко ќе оздрави. Затоа овој ден е познат и како Пајаковден.

Светиот апостол Павле особено е значаен за нас Македонците. Своето прво патување надвор од Азија тој го направил во Македонија. Тоа започнало во 51, а завршило во 54 година. При своите патувања апостолот Павле организирал нови христијански општини, а старите ги утврдувал во новата вера.
Денес именден слават :Павле ,Павлина и др.
Собор на Светите славни и сефални апостоли
Ова се имињата и деновите на посебното празнување на Дванаесеттемина: Петар – 29 јуни и 16 јануари; Андреј на 30 ноември; Јаков Заведеев на 30 април; Јован Богослов на 26 септември и на 8 мај; Филип на 14 ноември; Вартоломеј на 11 јуни и на 25 август; Тома на 6 октомври; Матеј евангелистот на 16 ноември; Јаков Алфеев на 9 октомври; Тадеј на 19 јуни; Симон Зилот на 10 мај; Матиј на 9 август; Павле на 29 јуни. Да спомнеме уште за начините како секој од овие најсвети и најполезни луѓе во историјата на светот го заврши својот живот на земјата: Петар беше распнат на крст главечки; Андреј беше распнат; Јаков Заведеев го убија со меч; Јован Богослов се упокои чудесно; Филип беше распнат на крст; Вартоломеј – распнат, па одран и заклан; Тома беше избоден со пет копја; Матеј го изгореа во оган; Јаков Алфеев – распнат на крст; Тадеј – распнат; Симон Зилот – распнат; Матиј го каменуваа, па мртов го расекоа со секира; Павле го убија со меч.

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука